Министерот за здравство Азир Алиу ја претстави новата алатка „Отворен кабинет“, која, како што посочи, ќе овозможи директна комуникација меѓу граѓаните и Министерството – без бариери, без бирократија и со човечки пристап.

„Вистинската реформа почнува тогаш кога институцијата престанува да зборува сама со себе и почнува да го слуша народот со отворен ум и јасна намера за промена“, изјави министерот Алиу, нагласувајќи дека новата алатка не е само веб-страница, туку целосна трансформација на односот институција – граѓанин.

Со „Отворен кабинет“, секој граѓанин ќе може директно да закаже средба со министерот секој петок, без никакви формални процедури.

„Првите 15 термини веќе се резервирани. Ова е доказ дека граѓаните имаат што да кажат и конечно имаат каде да бидат слушнати. Јас сум тука да ги слушнам“, порача Алиу.

Според министерот, ова не е само нов сервис, туку јасна порака за визијата што Министерството ја има за здравствениот систем.

„Оваа иницијатива не е само услуга. Таа е став. Став дека здравството не смее да биде затворен систем, туку жив организам што комуницира, што вклучува и реагира навреме“, рече Алиу.

Тој додаде дека граѓаните имаат право на пристапност, транспарентност и одговорност од својата институција.

„Здравство што комуницира, вклучува и реагира, не смее да биде само слоган. Тоа е јавна обврска. Обврска што јас како министер ја прифаќам со целосна одговорност и секојдневно ќе ја исполнувам со работа, отчетност и лично присуство“, изјави министерот.

Алиу посочи и дека приоритет е создавање здравствен систем што се води од податоци, анализа и реалните потреби на граѓаните, а не од политички притисоци или лични интереси.

„Сакаме систем што не се плаши од вистината, не се губи во бирократија и никогаш не го заборава човекот – како причина зашто постои самиот систем“, заклучи министерот.