Министерот за здравство, д-р Азир Алиу, на денешната прес-конференција го претстави новиот модул за електронска евиденција на здравствени прегледи во областа на медицина на труд. Модулот е изработен од Управата за електронско здравство, во соработка со Институтот за медицина на труд и Здружението на лекари специјалисти по медицина на труд.
Министерот Алиу истакна дека новиот модул овозможува дигитална евиденција на прегледи кои досега се спроведуваа исклучиво на хартија, што претставува значаен чекор кон целосна дигитализација на здравствените услуги во оваа специфична област. Со ова решение се унапредуваат здравствените системи и се овозможуваат конкретни придобивки за граѓаните, работодавачите и здравствените работници.
Системот електронски ги евидентира следните видови на здравствени прегледи:
- Прегледи за општа здравствена способност,
- Прегледи за засновање работен однос,
- Прегледи за здравствена и психофизичка способност за управување со моторни возила, трактори и работни машини,
- Прегледи за здравствена состојба потребна за поседување и носење оружје.
Драгана Бислимовска од Институтот за медицина на труд истакна дека ова е прва електронска евиденција од ваков тип што се интегрира во националниот систем „Мој термин“. Преку системот се овозможува електронско издавање лекарски уверенија и следење на податоци и анализи во реално време.
– Овој модул овозможува интеграција на дејноста медицина на труд во системот „Мој термин“, преку регистрација на извршените прегледи. Со тоа се обезбедува транспарентност и следливост на нашите активности. Особено е значајно што специјалистите по медицина на труд ќе имаат пристап до релевантни здравствени податоци за секој пациент – нагласи Бислимовска.
Жаклина Чагороска од Националниот електронски систем „Мој термин“ информираше дека сите прегледи ќе се изведуваат исклучиво во овластени здравствени установи, при што лекарите ќе се идентификуваат преку своја професионална лиценца или факсимил.
– Со секој извршен преглед автоматски се креира посебен здравствен картон, а системот генерира лекарски извештај со медицинско мислење, дијагностицирани состојби, препораки за вработениот и работодавачот, како и оценка за работната способност – изјави Чагороска.
Во следниот период, процесот на дигитализација ќе продолжи со креирање електронски портал за работодавачи преку кој ќе може да се иницираат прегледи, како и со интеграција на податоците во електронските здравствени досиеја и нивно прикажување преку апликацијата „Мое здравје“. Дополнително, ќе се овозможи целосна дигитализација на документи и поврзување со други институции преку интероперабилност, пред сè со Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за вработување, најавија од Министерството за здравство.