Со билатерален договор за мобилност на лекари и медицински сестри меѓу Словенија и Македонија ќе се пополнуваат празнините во нашиот здравствен систем. Министерот за здравство Азир Алиу договорот го претстави како ад хок решение за недостигот од анестезиолози на Клиниката за кардиохирургија, каде што веќе неколку дена пациенти се жалат дека не се прават операции оти нема анестезиолог.
„Затоа денес имавме состанок да се направи билатерален договор меѓу Словенија и Македонија со цел да имаме мобилност на лекари и медицински сестри меѓу двете држави. Ценам дека ова ад хок решение ќе покрие дел од потребите. Билатералниот договор значи дека лекари и сестри од Словенија може привремено да работат тука, од три до шест месеци, и наши лекари и сестри да работат во Словенија. Тоа ќе значи пренос на знаења, нови методологии и технологии меѓу двете земји. Во ваков случај, како на Кардиологија, каде што во моментот се многу лимитирани за операции, проблемот ќе може да се надмине привремено, а за долгорочно надминување нам ќе ни требаат, за жал, години“, рече министерот Алиу, кој утрово имал состанок со директорот на словенечката Кардиохирургија.
Според министерот, здравството е доведено до сегашната точка поради лошиот пристап и лошото креирање политики. Најави дека отсега политиките ќе се креираат долгорочно, за најмалку десет години, колку што вообичаено е потребно да се создаде кадарот што сега го нема. Најави посебен пристап, кој ќе тргне уште од средното медицинско образование преку факултетот, специјализациите и супспецијализациите за да се направи проектирање на капацитетите за најмалку десет години.
Текстот Алиу потврди дека Кардиохирургија не прави операции оти нема анестезиолози и најави ад хок решение: лекари од Словенија ќе ги пополнуваат празнините е превземен од МАКФАКС.