Министерот за здравство, Азир Алиу заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска ја посетија Универзитетската клиника за хируршки болести „Св.Наум Охридски“, каде е обезбеден нов најсовремен апарат за магнетна резонанца.

-Продолжуваме каде што застанавме заради локалните избори. Ова е уште еден имплементиран проект од Владата и Министерството за здравство, за унапредување на дијагностичките процедури, со цел овозможување здравствени услуги во реално време и со повисок квалитет, изјави Алиу.

Директорот на клиниката, Небојша Настов истакна дека изминатата година во установата е обезбедена најсовремена медицинска опрема во вкупна вредност од 90 милиони денари.

-Со оваа нова генерација апарати за магнетна резонанца се скратува времетраењето на самите прегледи, се зголемува бројот на прегледи кои може да се извршат во еден ден. Со претходниот апарат стар 16 години се вршеа 4.000 магнетни резонанци на годишно ниво, а со новиот апарат очекуваме најмалку 5.000 снимања годишно. Покрај најновиот апарат за магнетна резонанца, имаме обезбедено и два нови лапароскопски столба и инструменти за трауматологија во клиниката, посочи Настов.

Текстот Алиу: Нов најсовремен апарат за магнетна резонанца во хируршката клиника Св.Наум Охридски, продолжуваме со проекти за унапредување на дијагностичките процедури е превземен од МАКФАКС.