Во Министерството за здравство денеска беше промовиран нов информациски електронски модул – систем за евиденција и управување со барањата за листата на лекови.
Со модулот, како што истакна министерот за здравство, Азир Алиу, првпат се почнува со дигитализација на постапката за ставање нов лек на позитивната листа.
Тој појасни дека модулот е изработен од Управата за електронско здравство, во соработка со Секторот за фармација во Министерството за здравство, ќе биде јавно достапен на интернет-страницата на Министерството (www.lekovi.zdravstvo.gov.mk) и во функција ќе биде веднаш кога ќе стапат во сила измените на прописот, со кој се уредува оваа постапка, а кој се очекува деновиве да се објави во „Службен весник“.
Модулот, како што рече, овозможува електронско поднесување на барањата и внесување на неопходната документација за лекот во системот, што досега се доставуваа исклучиво во хартиена форма. Со ова, според него, се постигнува значителен напредок во дигитализација на одделните процеси на стандардната оперативна процедура на уредената постапка.
„Станува збор за прва електронска евиденција и управување со барањата за листата на лекови во националниот систем, со што се овозможува и транспарентност на процесот преку достапен јавен портал и следење на одделните процеси и на напредокот на постапката во реално време.
Придобивки на новиот е-модул се: подобрено управување со барањата за листата на лекови и ефикасност на постапката, намалување на административниот товар за фармацевтските компании, кои се јавуваат како апликанти во постапката, транспарентност на постапката и размена на информации, прецизна евиденција и управување со поднесоците и лесен пристап до податоци, унапредување на пристапот за лековите на позитивна листа“.
Текстот Алиу го промовира електронскиот систем за евиденција и управување со барањата за листата на лекови е превземен од МАКФАКС.