Алијанса за Албанците денеска предложи мерки за ублажување на финансиските ефекти по поскапувањето на горивата во земјава. Побараа намалување на акцизата и намалување на данокот на додадена вредност – ДДВ од 18 отсто на повластена стапка од 5 отсто.
– Алијанса за Албанците како политички субјект којшто секогаш се грижел, а и ќе продолжи да се грижи за благосостојбата на граѓаните, предлага одредени мерки за ублажување на финансиските ефекти после ова драматично поскапување на горивата во Северна Македонија. Поконкретно, предложуваме: Намалување на акцизата од 22 денари за бензинот на 15 денари, како и за дизелот од 15 денари што е моментално, на 9 денари. Намалување на данокот на додадена вредност, ДДВ, од 18 отсто на повластена стапка од 5 отсто, исто како што направија и со цената на струјата што исто така беше предлог на Алијанса за Албанците и резултираше позитивно иако првично Владата беше скептична и одбиваше. Бидејќи цените на светските берзи секојдневно се зголемуваат, ние предлагаме Владата да примени замрзнување на даноците и акцизите, на ниво на вредноста од пред една недела (28.02. 2022), значи да примени максимален лимит на цената за овие показатели, Да се намали на можниот минимум и трговската маржа од трговците на мало, истакнаа од Алијанса за Албанците.
Посочија дека овие мерки треба да се преземаат час поскоро, бидејќи, како што велат, поскапување на цените на горивата се предвидува и во следниот период.
– Сакаме да нагласиме дека намалувањето на акцизата и ДДВ-то кое што го предлагаме во никој случај не му штети на државниот буџет, бидејќи приходите ќе бидат исти со тие пред поскапувањето на електричната енергија на берзите. Во спротивно, одржувањето на акцизите и ДДВ-то на моменталното ниво претставува додатен профит за Владата на сметка на граѓаните. Поточно, Владата со овие даноци уште повеќе ја зголемува веќе додадената вредност на горивата и прави бизнис во време на криза, додека многу други одговорни држави бараат решенија за да им ги ублажат последиците на граѓаните, потенцираат од Алијанса за Албанците.