Од Алијансата за Албанците (АА)најавуваат дека утре ќе донесат одлука за поканите за лидерски средби од премиерот Димитар Ковачевски и од Движењето Беса.

– Утре ќе одржи седница Комисијата за организирање на Конгресот, кој ги има ингеренциите на раководството и ќе донесе одлука за поканите за лидерски средби, велат од партијата.

Од владината прес-служба синоќа информираа дека премиерот Димитар Ковачевски ќе испрати покана до парламентарните политички партии за лидерска средба, што ќе се одржи в понеделник, на 7 ноември, во Собранието на Република Северна Македонија.

– Средбата која ја свикува претседателот на Владата, се организира со цел да се отвори дискусија за европската иднина на Република Северна Македонија, но и за одлуките кои во наредниот период треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консезус.Поканата до претседателите на парламентарните политички партии ќе биде испратена во текот на утрешниот ден, стои во соопштението од Владата.

И потпретседателот на Движењето Беса, Арјанит Хоџа на вчерашната прес-конференција информира дека политичката партија БЕСА  ќе испрати покана до сите партии на Албанците за заедничка средба, на која, како што рече, треба да се разговара за измените на амандманот 5 од Уставот што БЕСА ги бара, односно да се смени формулацијата „јазикот кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ со „албански јазик“.