Околу 3 илјади амандмани достави до сега албанската опозиција за различни закони. Целта е само да се блокира секој друг закон во Собранието, до дека да се постигне договор за нивниот предлог закон за државјанство за кого се подготвени да дискутираат за секоја точка.

„За секоја точка, дури и за сведоците, за секоја точка има простор за измена. Единствено нешто за кое нема простор за измена е тоа да им го решиме проблемот на оние кои имаат потреба од решавање на проблемите.“, рече Скендер Реџепи.

Заеднички јазик за деблокирање може да се најде во рамки на Собранието, вели координаторот на парламентарната група на Алијанса/Алтернатива, Скендер Реџепи. Доколку има лидерска средба, нешто што вчера го спомна премиерот Зоран Заев, Реџепи верува дека на истата нема да се зборува само за државјанството туку и за други прашања. Координаторот на парламентарната група на СДСМ, Јован Митрески вели дека лидерската средба е работа на лидерите. Ги повика колегите од Алијанса/Алтернатива да седнат и да најдат решение согласно меѓународните стандарди, а го повтори ставот дека предлог законот не можат да го поддржат бидејќи не може да се уреди ниту со амандмани.

Проблемот не е само кај прашањето за 3 сведоци туку и по други точки, објаснува пратеникот од социјалдемократите.

Координаторот на пратеничката група на Алијанса/Алтернатива, Скендер Реџепи вели дека ова е мислење на Владата кое го поддржале и министрите Албанци и дека нивниот предлог закон може да се уреди.

„Може да се среди и е составен од правни експерти и многу практичен за решавање на маката на луѓето. Доколку тие мислат дека има потреба од измена, нека повелат! Дури и да се смени целиот.“, вели Реџепи.

Доколку има некаков обид од претседателот на Собранието на некаков начин да се заобиколат амандманите на албанската опозиција, Реџепи најави дека ќе ги блокираат не само комисиите, туку и собраниските седници.