Алијанса за Албанците денеска во Скопје ќе го одржи партиското Централното собрание на кое ќе биде констатирана оставката на Зијадин Села.На Собранието треба да биде избран новиот в.д. претседател на Алијансата за Албанците.

Села даде оставка од претседателската функција , откако неговата партија вчера не освои ниеден советник на локалните избори за Советот на Општина Тетово. АА во минатиот состав имаше тројца советници.

Тој кажа дека лошиот изборен резултат е оти имало саботажи одвнатре за да се ослаби партијата. Тој рече дека веќе нема да се кандидира за претседател на партијата зашто статутот тоа го дозволува само двапати.

„Разговаравме за резултатите од изборите, стојам на ставот дека Тетово не е само еден град или населба, но сепак резултатите се лоши и затоа давам неотповиклива оставка Подоцна Централното собрание ќе одлучи кој ќе биде вршител на должноста претседател на партијата“, рече Села, кој е еден од основачитеи долгогодишен лидер на Алијанса за Албанците, формирана од група членови на ДПА.

Исто така, на Собранието се очекува да се расправа и за оставката на пратеничката Илире Даути од функцијата координатор на пратеничката група на Алијансата за Албанците.

Дел од албанските медиуми изминатите денови информираа дека не е само тоа причината за нејзината оставка, туку намерата да се кандидира за лидерската функција во Алијанса за Албанците.

Наводно, добро упатени извори до медиумите велат, меѓу другото, дека таа за кандидатура има поддршка и од поранешниот претседател, Зијадин Села, со цел да биде противкандидатка на актуелниот потпретседател Арбен Таравари и да го победи.

Во некои медиумите на албански јазик уште се тврди дека по прашањето дали Таравари да биде избран за претседател има многу несогласувања внатре во партијата кои се пренесени и низ разграноците, каде што попознати партиски челници ја напуштаат партијата.