Oткако Собранието вчера донесе одлука пописот на населението да се одложи за септември, реагираат од коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива од каде обвинуваат дека пописот е одложен по договорот меѓу Заев и Мицкоски, отако се покажало дека Албанците само во дијаспората надминале 200.000 попишани.
„Кога излезе дека Албанците само во дијаспората надминале 200.000 попишани, додека македонската страна го бојкотираше пописот, двајцата лидери на најголемите македонски партии, се сретнаа лице в лице на моноетнички состанок, со цел да се одложи пописот“, велат од коалицијата.
Според двете партии, опасно е за една држава, аспирант за членство во ЕУ, за важни прашања да се одлучува на моноетнички состаноци, па затоа тие се обиделе да ја спречат одлуката за одложување.
„Наместо да се продолжи со процесот на попишување на 1 и 2 април, само благодарение на договорот Заев-Мицковски, беше прекршен Законот за попис на населението и домаќинствата, бидејќи Државниот завод за статистика не ја исполни законската обврска. За да биде повредата уште поголема, претседателот на Собранието ја спречи албанската опозиција да поднесе амандмани, додека, парадоксално, дозволи предложената законска измена да се воведе во Комисијата за Европски Прашања“, се наведува во реакцијата на двете политички пари.
Според опозициските партии, она што остава лош вкус во целиот овој процес е позицијата на ДУИ, која, како што велат, и покрај државните интереси да не се прекине пописот и покрај албанските интереси за пописот да продолжи, се приклучила на одлуката на средбата Заев-Мицковски.
„За нас не беше изненадување, затоа што добро го познаваме овој субјект, но повеќе беше жално што оваа партија, во време кога требаше да се дефинира самата дали е со Албанците или против Албанците, се приклучи кон македонските партии и нивните интереси против албанските интереси. Зошто прават вакви постапки, мора да објаснат“, се наведува во ракцијата.
Во неа се споменува и за одредени индикации дека некои експоненти на македонската политика ќе дадат се од себе, преку Уставниот Суд, да се откаже пописот на дијаспората, со цел, како што се вели, да се спаси процентот на Македонци и да се намали процентот на Албанци.
Од Алијанса за Албанците и Алтернатива најавуваат дека и натаму ќе продолжат да се борат за зачувување на мултиетничката држава.
„Ние не можеме да дозволиме некој сè уште да се потсмева со процентот на Албанците, бидејќи Албанците не се ниту процент ниту дел, туку се мнозинство, државотворни и се неразделна целина“, стои во соопштението.