„Непотизмот и конфликтот на интереси се повеќе стануваат синоним за нелегитимната коалиција ВРЕДИ и нејзините функционери.

Братот на Фатмир Лимани, министер за социјална политика, демографија и млади, Дашмир Лимани, продолжува да биде директор на Центарот за труд и социјална политика во Кичево. Оваа ситуација претставува конфликт на интереси и е отворено кршење на законот.

Ја повикуваме Државната комисија за спречување на корупцијата како и Јавното обвинителство да ја испитаат и разрешат оваа состојба бидејќи министерот Лимани не постапувал речиси три месеци од преземањето на функцијата, а двајцата браќа продолжуваат да ги извршуваат двете функции.

Покрај флагрантното прекршување на законот, ова ја докажува и дволичноста на албанските партии кои влегоа во Владата без легитимитет и нивните лажни ветувања за правично и транспарентно владеење, како и ги потврдува нашите предупредувања дека нивниот влез во Владата е само за тесни партиски, семејни и лични интереси“, се вели во соопштението на Алијанса за Албанците.