Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од коалицијата „Искуство за успех“, Александар Трајановски, најави конкретен план за обновување на Централната Пошта и нејзина трансформација во Градски инспекторат и Центар за урбано планирање.
„Ги засукуваме ракавите и влегуваме во директна пресметка со дивоградбите и урбаното дивеење во градот Скопје и општините. Повеќе нема да има недопирливи згради, бесправни градби и хаотичен развој. Време е институциите да си ја вратат својата сила,“ изјави Трајановски.
Со овој потег, еден од највпечатливите објекти на скопскиот модернизам ќе добие нова јавна функција со вистинска корист за граѓаните – место каде ќе бидат обединети сите градски инспекции и урбанистички служби, во транспарентен и ефикасен систем.
„Централната Пошта е дел од нашето културно наследство, но и од нашиот градски срам – ја оставивме да пропаѓа. Наместо да ја рушиме, ќе ѝ дадеме нова улога. Таа ќе стане симбол на ред, контрола и паметно урбано управување,“ изјави Трајановски.
Новиот Градски инспекторат ќе обедини повеќе од десет инспекциски служби – урбанистички, градежни, комунални, еколошки и сообраќајни. Просторот ќе биде отворен за јавноста, архитектите и стручната фела, со современи канцеларии, дигитални системи и сали за јавни консултации.
Дел од поширока визија – „Поправка на она што вреди“
Оваа иницијатива е дел од визијата за „поправка на она што вреди“ – враќање на животот во објектите што го обликуваа идентитетот на Скопје. Во истиот план се предвидени и:
· ГТЦ – нов дом на градската администрација, младите и културата,
· Кино Милениум – обновен културен простор и филмски центар,
· МКЦ – проширен центар за современа уметност и независна сцена.
„Скопје не треба да се гради одново – треба да се обнови со памет и љубов. Градот го измалтретиравме доволно, време е да го лекуваме,“ порача Трајановски.