Отстранувањето на албанскиот јазик од фејсбук фан страната на Културно информативниот центар од страна на новиот директор од редовите на Левица, донесе нови обвинувања меѓу албанските политички партии. Пратеникот од ДУИ, Арбр Адеми, обвинува дека коалицијата, како што ја нарече Левица составена од ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса, Левица и Беса го крши Законот за употреба на јазиците, а тоа, како што вели, го прават намерно за да поттикнат меѓуетнички тензии.
-Алијанса и Беса им стојат мирно на Левица и ВМРО. Алијанса и Беса се патерица на Левица и ВМРО. Албанците и сите други не треба да се чувствуваат загрижени бидејќи ние сме тука и институциите во земјава ќе си ја завршат работа против секој кој крши било кој закон, вклучувајќи го и Законот за употреба на јазиците.
По изјавата на Адеми, со реакција излезе и опозициската Алијанса за Албанците. Пратеничката Илире Даути, Адеми го нарече неуспешен министер, а ДУИ – хибриден режим. Таа ја обвини ДУИ за заобиколување на употребата на албанскиот јазик во КИЦ, рече Адеми, пренесува ТВ 21.
-Денеска го слушавме поранешниот неуспешен министер за образование, кој ги остави наставниците во мизерна состојба, училишните објекти како во средниот век и многу деца Албанци без настава на мајчин јазик. Има конкретна институција која требаше да ја заврши оваа работа и до денеска требаше да биде завршена. Конкретното прашање би било до Агенцијата за спроведување на албанскиот јазик – зошто не се преземени конкретни мерки?, вели Даути.
Реагираше и Беса. Адеми ја згреши адресата, наместо да се обрати до Движењето Беса, нека ја упати својата загриженост до директорот на Инспекторатот за употреба на јазиците кој доаѓа од редовите на неговата партија, велат од Беса. Инаку, ТВ21 вчера објави дека новиот директор на КИЦ, Антонио Димитров од партијата Левица, отвори нова страница за институцијата само на македонски јазик, иако претходната беше двојазична.