Албанските демократи на 13 јуни ќе избираат нов лидер, по принципот еден член еден глас.
Ова е едногласна одлука донесена на седницата на Националниот совет на партијата, по предлог на Претседателството, а по се зачестените барања за оставка на актуелниот лидер, Љуљзим Баша, по поразот на парламентарните избори, што во земјата се одржаа на 25 мај.
-Ова беа втори последователни порази на парламентарни и исто толку на локални избори откако на чело на партијата е Баша и тој мора да сноси одговорност и да се повлече од лидерската позиција на партијата, смета Фатбард Кадили, член на претседателството, кој веќе најави дека ќе се кандидира за претседателската функција во партијата.
Освен Кадили и Баша повторно ќе се кандидира, зашто како што вели „негова единствена вина е што не дозволил соработка со банди”.
-Го чувствувам гневот на сите членови поради изборниот масакр на 25 април, знам дека тие се подготвени да го претворат тој гнев во енергија за да ја извојуваме нашата битка до победа. Затоа барам да го продолжиме патот што го започнавме. Обединети во овој клучен момент за иднината на нашата битка и за судбината на земјата и заедно да ги подобриме оние работи што можеме и сигурно треба да ги подобриме, рече Баша.
Според партиски извори, кандидат ќе биде и претседателот на Националниот совет на партијата и поранешен шеф на државата, Бујар Нишани, кој се смета за најсериозен кандидат за оваа функција.
И по неговите изјави се насетува дека тој веќе се подготвува за тоа.
-Ние сме во најкритичната точка по 1997 година. Демократската партија во моментов е во очај како никогаш порано. Не можевме да победиме пред гангстерскиот режим. Имаше изборен масакр, но тоа е само половина од вистината. Другата половина е наш неуспех. Албанците не ни поверуваа и гласаа за нас само 46 отсто. Кога народот сака промена, таа се ослободува како бран на избирачките места за промена. Денес имаме повеќе гласови отколку во 2017 година, но помалку отколку во 2013 година кога некои луѓе имаа одговорност и поднесоа оставки. Ние повторно останавме втора партија со голема разлика, рече тој.
Упати критики и за одлуката во февруари 2019 година демократите да се откажат од пратеничките мандати, додавајќи дека „ние го започнуваме новиот законодавен дом таму каде што го оставивме во 2019 година”.
На чело на ПД, Баша застана во 2013 година, откако по поразот на парламентарните избори се повлече сега почесниот претседател, Сали Бериша.
Заинтересраните за лидерската фунукција своите кандидатури може да ги достават од 16 до 22 мај.