Со 105 гласа ЗА, пратениците изгласаа разрешување на претседателот на Албанија, Илир Мета, за сериозно кршење на Уставот. По дебата која траеше околу четири часа, Собранието првично го изгласа извештајот на Анкетната комисија, кој содржи факти за сериозни повреди спротивни на уставот.

Advertisements

Алкет Хисеини, претседател на Анкетната комисија за разрешување на Илир Мета:
Комисијата се засноваше на факти и околности кои исто така се нотирани во извештајот. Претседателот со своите постапки прекрши многу членови на уставот, кои се сметаат за сериозни повреди. Однесувањето на претседателот имаше многу лошо влијание врз јавното мислење и политиката “.

Албанскиот премиер Еди Рама рече дека Мета го посрамотил албанскиот народ во односите со Соединетите држави.

„Илир Мета ги посрамоти Албанија и албанскиот народ во многу посебните односи со САД. Мета го изобличи лицето на албанската држава во односите со претставниците на меѓународната демократска заедница во Албанија. Мета целосно и конечно ги изгуби сите шанси да се врати на моралниот и правниот разум. Албанија не може да го држи Илир Мета на грб, станувајќи објект за потсмев“, рече Рама.

„Рама се однесува како татко на правото, но тој е татко на узурпираната власт. Првата иницијатива за разрешување на Мета имаше посериозни елементи, овој пат не. Вие, господине Рама, немате политичка разлика со претседателот ”, рече Артур Роши, пратеник на Демократската партија.

Мета ја игнорираше седницата за негово разрешување, додека неговиот портпарол Теди Блуши реагираше преку објава на Фејсбук каде напиша дека Мета не е загрижен за „неуставната и смешна одлука на монистичката парламентарна гарнитура“.

“Претседателот на Републиката, Илир Мета е помотивиран од кога и да е да го заштити суверенитетот и интегритетот на Албанија од каков било обид на предавници, соработници и нивни тутори, кои со години работат против нашата земја, Албанците и националниот интерес”, рече Теди Блуши, портпарол на претседателот.

Одлуката на собранието за разрешување на Мета од функцијата претседател ќе биде испратена до Уставниот суд, која кога ќе ја докаже вината на претседателот на Републиката, го прогласува неговото разрешување. Уставниот суд на Албанија, кој е клучен дел од процесот на смена на претседателот, започна со работа во јануари годинава, иако сè уште не е целосно комплетиран. Во случај на разрешување од Уставниот суд, претседателот Мета ќе стане првиот разрешен претседател на Албанија во 30-годишната ера откако Албанија го собори 50-годишниот комунизам, и го отвори патот за демократската транзиција.

Вјолца Алити