Бугарската публика имаше можност да ужива во едно посебно музичко доживување – албанскиот пејач Идриз Амети од Република Северна Македонија, го претстави својот соло проект „Земјата се продава“ на 6 јуни во Софија. Во интимна и автентична атмосфера, Амети настапи сам на сцена со својот омилен инструмент – шаргијата, стар албански жичен инструмент.
„Многу сум возбуден. Со групата ‘Бла Бла Бла’ сум на сцена веќе 30 години, но овој проект е нешто сосема поинакво. Овој пат сум сам со шаргија во рака – и тоа е ново доживување за мене“, изјави Амети за Радио Бугарија, пренесува Трибуна.
Познат по својот уникатен музички стил инспириран од патувања и лични искуства, Амети вели дека движењето и емоциите се основа на неговото творештво:
„Патувањата носат нови искуства, и јас постојано сум во движење, барам инспирација од тоа што го чувствувам. Секогаш кога се враќам од некаде – излегува песна.“
Проектот „Земјата се продава“ претставува важна фаза во неговата кариера – обид за самоизразување надвор од колективниот идентитет на групата „Бла Бла Бла“:
„Долго време сакав да направам нешто самостојно. Го зедов ‘националниот’ инструмент – шаргијата – и се обидов да извадам нешто од себе што одамна ми се врти во мислите. И ете, излезе песната, излезе позитивна енергија, многу нешта што со зборови не можам да ги објаснам.“
Иако не е првпат во Бугарија, контактите на Амети со земјата се ограничени поради кратките престои. Сепак, впечатоците му се позитивни:
„Кога доаѓам, најчесто е за концерт и немам време да се социјализирам. Но Бугарите ми се чини дека се многу смирени и добри луѓе. Тоа можам да го кажам.“
Амети е оптимист кога станува збор за културната соработка во регионот и верува дека има простор за уште поголем уметнички размен:
„Меѓу Северна Македонија и Бугарија има почести соработки – бидејќи сме соседи. Но со Албанија и Косово тие се поретки. Не би рекол поладни – туку поретки.“
Во моментов, Идриз Амети живее во Скопје и работи на својот втор албум, а паралелно подготвува турнеја низ балканските престолнини:
„Сакам да соработувам со артисти од Балканот – Бугари, Срби, Црногорци, Албанци. Со многу од нив секојдневно разменуваме идеи и искуства. Убеден сум дека некој заеднички проект ќе се случи многу брзо.“
За младите уметници, Амети има едноставна, но силна порака:
„Да не се откажуваат. Ако мислат дека имаат барем малку талент – нека продолжат. Искусвото се стекнува со време. Откажувањето е најлошо – и за уметникот, и за спортистот, и за секоја уметност. Тие што се откажуваат – губат.“
И еден совет за публиката:
„Слушајте добра музика, одете на концерти – само така се гради вкус кон вистинската музика!“