„На пленарната седница на Собранието на Косово вчера беше расправано повторно околу прашањето некои од членовите на ‘Кумановската група’ да се вратат во Косово и таму да ги доиздржат своите затворски казни.“ – објавија весникот „Лајм“ и други медиуми на албански јазик.
Инаку, „случајот со групата од Куманово“ е судирот на 9 и 10 мај 2015 година во кумановското „Диво насеље“ меѓу специјалната единица „Тигар“ на македонската полиција и упаднатите припадници на вооружената група од Косово, кога загинаа осум полициски специјалци, а ранети беа 37. Беа убиени и 14 припадници на косовската група. Во судскиот процес 33 лица беа осудени за тероризам и терористичка организација: на казна доживотен затвор се осудени осуммина обвинети, а 13 обвинети добија казна од 40 години затвор. На казна затвор од 20 години се осудени петмина, на 18 години еден обвинет, а по двајца добија казна затвор од 14, 13 и 12 години. Уште поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај во август 2018 година имаше побарано овие затвореници за тероризам да бидат екстрадирани во Косово и остатокот од казната да го одлежат во косовските затвори.
Во врска со расправата околу затворениците за „Диво насеље“ информативниот портал „ин7“ објави: „Хисен Бериша, пратеникот на Демократската партија на Косово, врз основа на чие парламентарно прашање и беше покрената оваа дебата во Парламентот, побара од премиерот Курти да каже што сториле косовските институции, за да осудениците не се сметаат како терористи.“
Информативната агенција ИНА пишува: „Во врска со затворениците за Куманово косовскиот премиер Албин Курти рече дека предметот против нив е во Врховниот суд на Македонија и оти се уште нема никакво барање за префрлање на ниту едно лице за издржување на казната во Косово. ‘Постапката за префрлање започнува со барање на лицето, кое ја издржува казната. Засега официјално немаме ништо такво. На средбите што ги имавме го покренавме ова прашање, за да се расправа за него.’ – кажа Курти во Собранието на Косово.“
„Лајм“ дополнува: „По оваа парламентарна дебата во косовскиот парламент реагираше ‘Кумановската група’ преку Ислам Ќерими, брат на еден од осудениците. Тој го пренесе реагирањето на групата осуденици: ‘Одлуката на Врховниот суд се очекува во наредните недели. Бараме случајот да се врати на повторно разгледување во првостепениот суд и да се отстранат квалификациите ‘тероризам’ и ‘терористичка група’, бидејќи се тие неосновани и се неаргументирани! Во врска со барањата / изјавите на многу пратеници / политичари, или други лица, дека припадниците на „Кумановската група’ треба да бидат вратени во Косово и таму да ја издржуваат затворската казна, изјавуваме дека тоа не сме го побарале никогаш и оти ниту планираме да бараме такво нешто! Ќе бараме правда пред највисоките меѓународни инстанци се додека не се исцрпат сите правни средства.“