Пишува: Насер СЕЛМАНИ
Минатата недела албански политичари од Северна Македонија и Koсово дадоа јавна поддршка за нивните сограѓани и комшии Македонци за спорот со Република Бугарија. Најжесток во изјавата беше спикерот на Собранието, Tалат Џафери, поранешен пратеник и министер, алијас командант Форина и поранешен официр на ЈНА, кој за ТВ21 изјави дека „ниеден народ не би прифатил преговори за тоа што го бара Бугарија“.
Слична изјава даде и спикерот на косовското собрание и вршител на должноста претседател на Косово, Вјоса Османи, која оцени дека е погрешно историските прашања да се мешаат со процесот на евроинтеграција на земјите од Западен Балкан.
Немаше македонски медиум што не ги пренесе изјавите на Џафери и Османи претставувајќи ги како јасна поддршка на Албанците за Северна Македонија во спорот со Бугарија.
На прв поглед ваквите изјави не треба да не чудат бидејќи Албанците, како први комшии на Македонците, очекувано е да се солидаризираат со нив. Но, ѓаволот обично се крие во деталите!
Прва дилема што ја отварат албанските политичари со ваквите „промакедонски“ ставови е зошто во изминатите 30 години сличен став немаа за спорот за името со Грција?! Тогаш, албанските лидери од Северна Македонија не само што не ја поддржуваа македонската влада, туку неретко, организираа ненајдени посети во Атина, од каде праќаа заканувачки пораки до Скопје, дека мора да го решат спорот со Грција затоа што, наводно, Албанците не можеле да ја жртвуваат нивната европска иднина заради безмислени историски спорови.
Тие остри ставови најмалку беа мотивирани од желбата Албанците да ги внесат во Европската унија, туку да изнудат поволен договор за Грција, главниот сојузник на Србија во Балканот, со која политичкиот албански естаблишмент во Тирана, Приштина и Скопје, сеуште има силни врски.
Затоа, нормално се наметнува прашањето од каде сега ненадејно толкава лубов и поддршка од албанските политичари кон Македонија и етничките Македонци?
Одговорот е едноставен, тие не ги поддржуваат македонците и Македонија, ниту се грижат за европската интеграција на Албанците и регионот, туку изразуваат став против Бугарија, членка на ЕУ и НАТО, потврдувајќи ја уште еднаш лојалноста кон старите југословенски структури.
Менторите на албанските политичари сакаат да спречат било какво нормализирање на односите меѓу Бугарија и Северна Македонија и блиска соработка меѓу Бугарија и Албанците од регионот.
Српската политика кон Северна Македонија има едноставен рецепт, постојано работи на продлабочување на недовербата и омразата меѓу Македонците и Албанците обезбедувајќи улога на спасител на Македонците од албанската наезда. Кога Македонците и Албанците ќе се ослободат од влијанието на Белград и Атина и ќе изградат нормални односи засновани на доверба и меѓусебно почитување, Србија ќе нема повеќе кого да штити во Северна Македонија.
Слични ставови кон Северна Македонија има и грчката политика. Пред неколку години поранешната грчка министерка за надворешни работи, Дора Бакојани, на македонски политичари во доверба им изјавила дека Атина нема ништо против Македонците, туку се плаши од големото албанско малцинство, кое наводно се залагала за Голема Албанија.
Белград и Атина точно знаат дека лесно можат да ги свртат корумпираните политичари од Тирана, Скопје и Приштина, ама ако туку се вмеша Софија, е тогаш нивната игра станува покомплицирана. Не дека бугарските политичари не се корумпирани, туку затоа што Бугарија е далеку посериозна држава од Албанија, Косово и Северна Македонија заедно!
Македонската јавност малку знае дека југословенската идеологија, која се базираше на антибугарска и антиалбанска политика, имаше свои приврзаници и меѓу Албанците во Косово и Северна Македонија! Не ви треба многу знаење од историја да разберете дека од 1912 до 1999 година српската власт на Косово создаде свои доушници и слуги, кои сеуште се лојални на Белград.
Албанија, е уште во победна позиција, затоа што никогаш не смогна сили да се ослободи од болното комунистичко минато и да ги распушти структурите на албанското секуритате на Енвер Хоџа, која 45 години изврши невиден терор врз албанскиот народ. Се знае дека овие монструозни структури беа создадени со помош на југословенските, советските и кинеските комунисти, кои и ден денес ја држат во заложништво иднината на земјата.
Продукт на таа пројугословенска и просоветска политика кај Албанците се Хашим Тачи на Косово и Едвин Рама во Албанија, кои со српскиот претседател Александар Вучиќ, зад грбот на западните сили, се обидоа да ја прошверцат идејата за размена на територии меѓу Србија и Косово, која, по се изгледа, ќе завршеше со уште една крвава војна. Не е случајно што Тачи и Рама ја поддржуваат идејата на балкански шенген, која не е ништо друго освен враќање на спрската економска хегемонија во Косово, Северна Македонија, Босна, Црна Гора и Албанија.
Поради ваквата задкулисна игра Тачи политички е демисиониран од Запад и однесен во Хаг каде треба да одговара за воените злосторства кои му се стават на тобар за време и по војната на Косово. На балканската политичка сцена го нема и Мило Ѓукановиќ, на ред да замине е Едвин Рама. Заев ќе куртули ако навреме се огради од овие политички лузери.
Западните земји на време сватија дека идејата за размена на територии е српско-руска игра, со која се сака да се дестабилизира целиот регион и со тоа да спречат интеграција на земјите од Западен Балкан во НАТО и Европската унија.
Кога ќе ги изгуби пријателите во Тирана и Приштина, од власт ќе падне и Александар Вучиќ, а со него и неговиот марионета во Босна, Милорад Додик! Тогаш Путин ќе нема играчи за дестабилизација на регионот!
Само уште еден аргумент дека ДУИ е неискрена во поддршката за спорот со Бугарија. Откако заврши драмолетката албански премиер, Бујар Осмами ги објави црвените линии за формирање на новата македонска влада, а тоа беа спроведување на Преспански договор и договорот со Бугарија. Сега изгледа црвените линии пребледеле додека не дојде некое ново барање од Белград и Атина, виа Приштина и Тирана!
Обичните Македонци треба да бидат многу резервирани на поддршката од албанските политичари затоа што е неискрена. Нивната намера не е да ја зајакнат позицијата на Скопје во преговорите со Софија, туку да го излизгат македонскиот естаблишмент, кој уште кокетира со Белград, да крене раце од барање решение со Бугарија, и со тоа на подолг период да ја запечати судбината на регионот како мочуриште на Европа. Кога Балканот бил во хаос, Албанците и Македонците искусиле геноцид!
Насер Селмани