Не успеа денешниот обид на албанската опозиција во Парламентот да побара да се избере нивен член во Државната изборна комисија. Пратеникот на Беса, Фадил Зендели побара спикерот Талат Џафери да отвори постапка за избор на нови член во ДИК затоа што оваа институција е со еден член помалку, откако Кренар Лога од февруари стана министер за правда. Албанската опозиција нагласува дека законски сега тие треба да имаат свој член на ДИК бидејќи Алијанса е дел од власта, пишува Алсат.

„Ова не е прашање на политичка дискусија или пазарење. Ова е предвидено со Изборниот законик и сакам да се пополни празнината. Тоа требаше да го направи претседателот на Собранието. Тој треба да се грижи местата во институциите кои не се пополнети, да се пополнат. Мислам дека тој го нема истиот пристап кога од неговата партија треба да се назначат членови во институции или комисии. Многу брзо дава предлози, но кога тоа е од опозицијата, ситуацијата се менува. Треба да го молиме, а јас мислам дека тоа не е прашање за која треба молење“, рече Зендели.

Зендели вели дека ова барање го поднел минатата седница, но било игнорирано. Талат Џафери одговори дека барањето не било материјално за да се разгледа на пленарна седница.

„Милион пати сум им кажал, имате Деловник, имате закон, имате сè. Барањето не е материјал кој се става на дневен ред. Ако таква грешка правите вие како професор по управно право, што да правам со другите? Треба да го прочитате Деловникот и да постапите во согласност со Деловникот, а на прес-конференции излегувајте секој ден, тоа не е проблем“, рече Џафери.

Според Изборниот законик, претседателот на ДИК доаѓа од опозицијата, на која ѝ следуваат и двајца членови, а од редовите на власта се избираат четворица членови. По преминувањето на Алијанса за Албанците во власта, сегашната албанска опозиција бара нејзин кадар во Комисијата.