Албанската опозиција ја продолжува блокадата во Собранието. За 10-тте закони што се наоѓаат во Комисијата за финансирање и буџет, Алијансата за Албанците и Алтернатива предложија над 7.000 амандмани. Досега немало преговори меѓу партиите што би довело до деблокирање на Собранието.
„Не досега, немаме. Слушнавме неколку изјави од премиерот Заев, но немаме ништо конкретно. Тоа беше само негова изјава. Не знаеме дали е сериозно или не. Досега немаме понуда да разговараме. Ние дејствуваме реципрочно; вие блокирате-блокираме и ние. На секоја понуда за деблокирање позитивно ќе одговориме. Ние секогаш ѝ даваме приоритет на дебатата.”
ДУИ ја нарече деструктивна албанската опозиција. Според вицепремиерот за политички систем, Артан Груби, оваа постапка на опозицијата негативно ќе влијае на нејзиниот легитимитет на следните избори.
„Деструктивниот пристап на еден пратеник, парламентарна група или политичка партија не ви помага со гласови пред граѓаните, туку напротив кога тие се конструктивни и даваат корисни идеи кои се опфаќаат во предлог-законите и потоа се одобруваат во собраниска процедура. Мојот апел до нив е да бидат конструктивни и да даваат креативни идеи.“
Опозицијата претходно предложи 3.000 амандмани за предлог-законот за прекршоци и за некои други закони кои се во собраниска процедура. Во однос на дејствувањето на опозицијата, премиерот Зоран Заев понуди лидерска средба за која опозицијата се согласува, но под услов да се разговара за здравствената и економската криза.