Доколку се оди по планот, тн. „Суверена држава од редот Бекташи“ ќе стане најмалата држава на светот, само една четвртина од големината на Ватикан. Земјата со територија од 10 хектари ќе има своја управа, пасоши и граници.

Њујорк тајмс објави дека албанскиот премиер Еди Рама ќе ги објави плановите за суверена микродржава во нејзиниот главен град Тирана, која ќе ги следи практиките на Редот Бекташи – шиитски суфиски ред основан во 13 век во Турција, пренесува Трн.

Новата држава ќе дозволи алкохол, ќе им дозволи на жените да носат што сакаат и нема да наметнуваат правила на живот, како одраз на толерантни практики на Бекташискиот ред. Рама рече дека целта на новата држава е да промовира толерантна верзија на исламот со која Албанија се гордее.

„Треба да се грижиме за ова богатство, кое е религиозна толеранција и која никогаш не треба да ја земаме здраво за готово“, изјави тој за Њујорк Тајмс.

Историјата на Бекташите датира од Отоманската империја во 13 век, но пред речиси еден век, седиштето на Редот се преселило во Тирана, откако Мустафа Кемал Ататурк, основачот на Турската Република, ги избркал од Турција.

Бекташкиот ред има долга мистична традиција во Албанија. Поддржани од јаничарите, елитните војници на Отоманската империја главно регрутирани од христијанските области на Балканот. Суфиската вера не ги принудува приврзаниците да ги почитуваат основите на традиционалниот ислам.

Сепак, толеранцијата која ја пропагираат не значела и заштита од прогонство. Стотици години, верниците се наоѓале под притисок – без разлика дали нивните господари беа христијани, муслимани или атеисти – поради што Редот се селел и во Косово и Албанија.

Бекташите се посветени на мудреците, познати како дервиши. Дервиш Баба Монди е актуелен духовен водач на редот. Тој е познат од следбениците по неговата официјална титула, Неговата Светост Хаџи Деде Баба.

Баба Монди треба да биде водач на суверената држава на редот Бекташи. Тој вели дека одлуките ќе се носат со „љубов и добрина“. Во интервју за Еуроњуз во 2018 година, тој рече „да се биде бекташ значи да се биде човек. Ја изградивме нашата заедница базирајќи ја на принципите на мир, љубов и меѓусебно почитување“.

Тим експерти работи на легислатива што го дефинира суверениот статус на новата држава во Албанија. Владејачката Социјалистичка партија на Рама, исто така, ќе треба да го поддржи.

Баба Монди изрази надеж дека САД и другите западни сили ќе го признаат суверенитетот на неговата држава. „Ние заслужуваме држава“, изјави тој за Њујорк Тајмс, „Ние сме единствените во светот кои ја кажуваат вистината за исламот“ и кои бараат нивниот Ред да не се меша со политика.