Албанија стана членка на Глобалната коалиција за справување со ризикот од синтетички дроги, предложена од американскиот државен секретар Ентони Блинкен, јавија албанските медиуми.

Министерот за внатрешни работи Таулант Бала, во обраќањето на состанокот на високо ниво на Комисијата за дрога и криминал на УНОДЦ (UNODC) во Виена, ја пренел „загриженоста дека проблемот со дрогата претставува сериозна закана за нашите земји и општества, што влијае на социјалните и економските услови или јавната безбедност”.

– Комплексноста и обемот на тешките дроги се зголемуваат, изложувајќи ги корисниците на поголем број психоактивни супстанции. Широк спектар на супстанции со психоактивни својства, понудени во различни форми, претставуваат потенцијален ризик по здравјето, што доведува до смрт и труење,  изјави Бала.

Тој додаде дека повеќе од потребна е итноста за борба против синтетичките дроги, која е силно поддржана од САД. Воедно, повика на заедничка акција преку Глобалната коалиција за справување со заканата од синтетички дроги, за што и Албанија се приклучува како посветена членка.

Бала во панелот дискусијата потврди дека албанската Влада е активно ангажирана во борбата против нелегалната трговија со дрога, преку законски измени за проширување на листата на забранети супстанци.

-Во моментов го ревидираме Кривичниот законик за справување со кривични дела во рамките на училишниот безбедносен периметар, вклучително и трговија и дистрибуција на дрога,  посочи министерот, споменувајќи ја  последната национална акција „Темпули“ (храм)  против наркодилерите кои дрога продаваат пред образовни институции.

На крајот на обраќањето, Бала ги најави следните мерки за борба против оваа појава.

Предвидуваме формирање Национален систем за рано предупредување во 2025 година, како и Националната опсерваторија за дроги во 2026 година, која ќе дејствува како централно тело одговорно за собирање, анализа и обработка на сите податоци поврзани со дрога, во тесна соработка со меѓународните партнери, нагласил министерот Бала.