Високaта претставничка на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност и потпретседателка на Европската комисија Каја Калас изјави дека иднината на Албанија е во Европската унија и дека таа придонесува за соработка и зачувување на мирот во регионот.

Во рамки на посетата на Западен Балкан, Калас ја посети Тирана, каде одвоено се сретна со албанскиот претседател Бајрам Бегај и премиерот Еди Рам.

На заедничката прес-конференција со Рама, Калас истакна дека Албанија е навистина силен партнер на Европската унија и дека како членка на НАТО е целосно усогласена со надворешната и безбедносната политика на Унијата.

„Вашата одлука за целосно спроведување на санкциите на ЕУ против Русија, заедно со вашата хуманитарна и политичка поддршка за Украина, всушност ја покажува вашата посветеност на вредностите на ЕУ и јас разбирам дека од политичка гледна точка тоа не е секогаш лесно да се направи.

Калас истакна дека ЕУ е целосно посветена на Албанија и оти соработката е во корист на двете страни.

„Една од првите обврски што ги имав беше да го потпишам партнерството ЕУ-Албанија за безбедност и одбрана, а денес ќе ги видиме првите плодови, бидејќи ќе го започнеме првиот дијалог меѓу ЕУ и Албанија за безбедност и одбрана. Ова е навистина многу важен чекор, бидејќи дополнително ја продлабочуваме соработката во безбедносниот сектор“, рече таа.

Додаде дека Албанија има амбициозен план да ги заврши преговорите со ЕУ во следните две години.

На прашањето дали 2030 година е можна година за Албанија да стане членка на Европската унија, таа одговори дека е, доколку секој си го исполни делот од обврските.

„Иднината на Албанија е во Европската унија и со задоволство видов потпишување договор од 90 милиони евра со Европската инвестициска банка за реконструкција на железницата меѓу пристаништето Драч и Рогожина како дел од Коридорот VIII. Југоисточна Европа и ова е многу важно во овој момент во ова опкружување кога зборуваме за безбедност“, рече Калас.

Албанскиот премиер Рама изјави дека Албанија е целосно усогласена од сите аспекти со Европската унија.

Тој откри дека на средбата со пр Калас разговарал за процесот на пристапување и за „многу амбициозниот календар“ договорен со Европската комисија за завршување на преговорите до 2027 година. „Нема никакви проблеми или отворени прашања меѓу Албанија и ЕУ. Имаме целосна усогласеност во сите аспекти, што најдобро се рефлектира во надворешната политика на Република Албанија, што е 10 отсто усогласена со политиката на ЕУ, рече Рама.

Тој додаде дека разговарале и за регионот и за проблемите во регионот во време кога, според него, е важно единството и стабилноста на целиот регион, во кој сите земји го прогласиле членството во ЕУ како стратешка цел. „Народите на Европа денес, повеќе од кога било досега, чувствуваат дека војната не е црно-бел филм од минатото, ниту спонтан настан што се случува на границите на Европа, туку вистинска закана против која Европа мора да ги собере своите редови и да се зајакне. Без сомнение, самата Албанија е дел од оваа обврска“, рече тој.