Владимир Перев
Пролог
Деновиве се изнаслушавме за состојбата на македонско-косовската граница, за свадбарската поворка на Африм Гаши и за бекството на домашниот притвореник, баран со српска/меѓународна Интерпол потерница, Блерим Рамадани. Никој, буквално никој не се осврна на историскиот конспект на таа појава, на појавата, границата да се минува “ете така, како низ ничија или своја територија“.
- Албанци
Албанците се најкомпактниот етникум на Балканот. Расположени се во Албанија, Косово, Црна гора и Македонија. Од кога паметат, па сѐ до 1918 година живеат без граници, заедно и обединето. Имаат три религии-ислам, католицизам и православие и два јазични дијалекти-гега и тоска. Дијалектот тоска, по 1945 година, а по наредба на Енвер Хоџа, станува официјалниот албански јазик. Прифатен е од гега албанците без спротиставување, насекаде каде што живеат албанци. Без разлика на јазичните и верските различитости, албанците се обединети во чистотата на својата национална свест-свест дека се албанци, едни и единствени.
Првата граница меѓу албанците ја поставува Кралството Југославија во 1918 година, кога официјално се утврдува албанската држава, но делови од албанците во Македонија, Црна гора и Косово остануваат во рамките на Кралството. Тоа е првата поделба. Точно е дека и двете Југославии, и онаа на Караѓорѓевиќи и онаа на Тито, ја затвораат границата кон Албанија, но сепак, албанците од Косово, Македонија и Црна гора функционираат без пречки и граници, во рамките на Југославија. Се одржуваат личните и семејните врски, толку длабоко всадени во поимањето на албанскиот човек.
Може би тоските од јужна Албанија се пообразованите и со европски манири албанци, но албанците од Косово се с’ржта, есенцијата на албанската нација, на албанството како феномен. Тие се најборбениот и најцврстиот дел од сѐалбанското општество. Во времето по падот на Италија во септември 1943 година, вооружени одреди на албанци од Косово се движат низ Тирана и заведуваат ред, држејќи ја општата команда над цела Албанија. Дури и професорот, имунологот д-р Михаил Огњанов, кој во тие денови живее со родителите во Тирана, се сеќава на тие моменти во својата книга, (Михаил Огнянов: Македония-Преживяна съдба София 2002 г), споделувајќи ја со читателите целата морбидност на тамошната привремена ситуација.
Како и сите други народи, така и албанците во Југославија беа подложени на тешка денационализација. Насекаде се промовираше идејата за југословенството, насекаде имаше југословени како нација, само албанскиот етнички корпус остана целосно албански. Таму немаше промени, а бројот на албанците се зголемуваше. Се промовираше идејата дека албанците од Косово се некаква посебна нација на “косовари“, различни од албанците во Албанија, со различна историја и посебен јазик. Албанците од Косово со презир ја одбија таа размисла за себе си. Титовата политика на тој фронт целосно крахираше. Албанците го чекаа крајот на Титовата ера…знаеја дека се свои на своето…беа единствени. Тито сакаше да прави и “национална хрватска католичка црква“ и да ги одвои хрватите од Папата и папството. Кардиналот Алојзије Степинац се спротистави и не го дозволи тоа. Плати со животот, ама Католичката црква во Хрватска остана во рамките на Папството. Тоа се двата најголеми неуспеси на владетелот, кој со царистички манири и сталинистичка тиранија, сакаше да прави верски и национален иженеринг.
2. Бугари
Од доаѓањето на словените на Балканот, па потоа доаѓањето на протобугарите и формирањето на првата бугарска држава, бугарите од Дунав до Белото море и од Црно море до Охрид, живеат како единствен народ, често потпаѓајќи под друга, туѓа државна власт. За време на владеењето на Отоманската империја, бугарите живеат еден единствен политички и национален живот. Навистина, како би рекле националистите, “живеат под турско материјално робство и под грчко духовно робство“, но сепак живеат како посебен ентитет, со еден јазик на неколку наречја, со православна, католичка и протестантска вероисповед и комплетна свест за себе сѝ.
Во зората на слободата, во времето на Преродбата/В’зраждането, од бугарското племе се издвојува еден елитистички дел, претежно од бугари од регионот Македонија, кој на свој грб го носи и херојството, како на верските борби, така и борбите за целосно ослободување од “материјалното и духовно робство“. Она што се косовските албанци за албанството, тоа се македонските бугари во борбата за бугарската кауза, за бугарската идеја и заложбите за победата на таа идеја…идејата за единствена бугарска држава!
Со формирањето на Књажество Бугарија во 1878-9 година, па со Соединението во 1885 година, бугарското племе во Бугарија и Македонија е разделено со граница, но сепак функционира како единствен организам, со единствен јазик, обичаи и визии за иднината. Македонските бугари во огромен број се дел од управувачката елита на Царството Бугарија и носители на одговорноста во сите институции, како армијата, полицијата, правосудието, финансиите и други. Формирањето на Југославија во 1918 година, како и Титовата во 1945 година, го означуваат почетокот на трагедијата на македонските бугари. Југословенско-бугарската граница, а денес и македонско-бугарската граница останува последниот бедем на поделена Европа, симбол на идеолошките и национални разлики. Границата меѓу С. Македонија-Бугарија е најзатворената граница во моментов во Европа.
1а. Албанци
Албанците и во двете Југославии членуваат во различни парти, од фашистички до комунистички, но со една единствена идеја, за обединување на сите албанци. Некогаш мислеа дека Хитлер и Мусолини ќе им ја остварат желбата, потоа мислеа дека Тито и Енвер Хоџа ќе ги обединат, за конечно да формираат маоистички групи наречени “марксистичко-ленинистички тајни организации“, но идејата не им се реализира. Денес веруваат во Обединета Европа, како конечно остварување на нивните мечти. Последната граница поставена во 1991 година меѓу Македонија и Косово, беше разочарување на голем дел од албанците од двете страни на границата, научени да живает единствено и без пречки. Веруваат дека Европа ќе им донесе обединување, а тие ќе го сочуваат својот албански идентитет. Тоа е теза која само времето кое доаѓа, може да ја потврди или одрече.
2а. Бугари
Крајот на Првата светска војна во Бугарија се доживува како вистинска национална катастрофа. Бугарија е победена во две војни последователно, бугарското општество е со “пораженска психологија“ а власта ја држи лидерот на земјоделците Стамболиски, кој е воедно воен дезертер, политички затвореник и личност подготвена на компромиси. Македонските бугари се единствени и организирани во историската ВМРО која нивниот лидер Тодор Александров успева да ја возобнови и претвори во единствена и компактна сила за борба против српската и грчката окупација на делови од Македонија. Таквата возобновена ВМРО под Тодор Александров, а по неговото убиство на 31 август 1924 година раководена од Иван Михајлов, никогаш не престанува да се бори за слободата и единственоста на Македонија и националните права на македонските бугари. Таа ВМРО, а специјално ВМРО на Иван Михајлов е светилникот на слободата на македонските бугари и на сите етникуми на Македонија…Михајлов со неговите терористички методи на дејствување и со убиството на кралот Александара Караѓорѓевиќ во Марсеј е непокорот на “македонската“ борба, а Владо Черноземски е ангелот-одмаздник за сите српски/југословенски неправди и насилија врз македонските бугари.
Со Бугарија владее династија на многу образовани, но самољубиви, суетни и релативно неспособни владетели од династијата Кобурзи. Цар Борис Трети, се покажува како релативно слаб, уплашен но и лукав владетел, кој се грижи за добробитта на својата круна. Воениот преврат на 19 мај 1934 година е удар кон ВМРО и затворање на историската организација, за потоа Царот го преземе раководењето во свои раце. Пронижан од русофилска/советска агентура во сопствената армија и полиција, неспособен да се справи со предизвиците на новото време, останува единствено да спаси што може да се спаси на мирен начин. Кога во април 1941 година Југославија потпишува капитулација и кога за два дни германските војски ја завладуваат речи си целата географска Македонија, бугарските војски едвам по 12 дена решаваат да влезат. Пречекани се како ослободители, со цвеќе, без ниту еден испукан куршум…
Воениот преврат во Бугарија од 1944 година носи советска окупација на земјата која ќе остане таква до настаните во 1990 година. Таа земја и тие раководства ќе бидат темното петно на историјата на бугарскиот народ и неговите европски тежненија. Насилници, простаци и убијци раководат со целиот Источен блок, вклучително и со ФНРЈ/СФРЈ, но Енвер Хоџа е исклучок. За разлика од неговото визионерство за единствен јазик и нација на албанците, бугарските предавници (Георги Димитров, Бојан Б’лгарјанов, Антон Југов), вршат реформа на бугарскиот јазик така, што македонските говори остануваат вон бугарското јазично и фонетско подрачје, направо ги екскомуницираат. Последните вистински “верници“ во единството на македоно-бугарските говори остануваат Ванчо Михајлов во неговите четиритомни “Спомени“ и до скоро органот на ЦК на МПО “Македонска трибуна“… тие се лебедовата песна на единственото племе, единствената историја и единствениот јазик.
3. Intermezzo
Денес луѓе со елементарни политички способности и никави историски знаења говорат за “свадбата“ на Африм Гаши и “бекството“ на Блерим Рамадани. За оваа работа, мнението треба да си го дадат македонските историчари, но на еден прифатлив и објективен начин. Нека објаснат како четите на ВМРО во најзатворената граница на Европа тогаш (па и сега) минувале од територијата на Бугарија кон Македонија и Грција за да вршат акции на одмазда. Нека објаснат како Тодор Александров бега од затвор во Бугарија, со помошта на шефот на полицијата на Софија, анархистот и шпионот Антон Прудкин, војводата Странџата и со организираните делови од ВМРО кои ги координира прилепскиот учител Тодор поп Адамов. Тоа се историски поучителни примери. Тогаш целото бугарско племе беше единствено, сврзано оклу ВМРО, за покасно со дејствијата на комунистите и дволичната игра на Дворецот, да биде поделено и разединето. Тоа е она истото херојско ВМРО на Иван Михајлов кое го организира дочекот на бугарските војски во Македонија, за подоцна таа истата советизирана воена врхушка и болната неопределеност на Дворецот, организацијата да ја доведат до катастрофа, заедно со целата бугарска држава. Ние не можеме да го разбереме начинот на кој албанците научија на единственост, но можеме да им одржиме часови како да се разединат. Само нека не гледаат нас…
4. Епилог
Ние македонците сме научени да гледаме на албанците и бугарите низ “српската историска клучалка“, да го гледаме само со едното око она шти ни се нуди во погледот “низ клучалката“…другото за нас е непознат свет. Албанците, со својата бројност и образование, сликовито речено “ни го извадија едното око“, па сега не ги гледаме веќе како “шиптари, калимеровци, белокапци“ и слично, туку како некои кои ја добија војната во 2001 година, и сакале или не, треба да се повинуваме на нивната победа. Поразот носи и опрделени задолженија и добро е што станува дума за наши обврски за демократија, пристап кон институциите на Европа и забрзан пат кон западните вредности.
Со Бугарија не е така, уште го имаме она “српското око“ во погледот кон бугарите и уште мислиме дека сме ги победиле во две светски војни. Сѐ уште го имаме надмениот титовски став кон бугарската држава и унизителен став кон бугарскиот народ, со кого делиме една историја и еден јазик. Некој треба да ни каже дека ние не сме победиле во ниедна војна, дека сите војни сме ги изгубиле и од сите, дури и од некои никакви колонии од Африка, знамињата им се вееле на нашата, македонската земја толку вербално славена и опеана. Да се потсетиме, во Бугарија, во Софија никогаш во нивната историја (по ослободувањето од Османлиите) не се веело знаме на друга држава.
Македонија влегува во турбулентен период…пораките на историјата треба објективно да ги прифатиме и ја конципираме македонската стратегија за наредниот период. Да се тргне превезот од очите, да се видат кои се пријателите, кои непријателите…
Не треба да ни се случи, како што ми напиша еден бугарски пријател: Сега още сте във веселата част на театъра, комедия, но с времето ще дойде драмата, а накрая и трагедията.