Со години, ние како политичка партија цело време сме алармирале за високото ниво на криминал и корупција, во кое директно се вклучени владини претставници и раководители на институции во земјата. Сега веќе, сите овие проценки беа потврдени во извештајот на американскиот Стејт департмент, каде што е цврсто наведено дека „има бројни извештаи дека некои функсионери сè уште се вклучени во коруптивни активности“, велат од Алијанса за Албанците по повод извештајот на Стејт Департментот.

Како што велат од оваа опозициската партија, во извештајот понатаму се наведува дека Северна Македонија има донесено антикорупциски закони, но тие не се спроведуваат. Извештајот ја пофалува работата на Државната комисија за спречување корупција, но ги истакнува проблемите во централните институции и судството како причина за неуспех во оваа битка. Овие се оценуваат во извештајот како главна пречка за инвестициската клима во Северна Македонија.

Алијанса за Албанците го оценува како несериозно и неодговорно однесувањето на Владата, која ваквите аларми ги третира со небрежност, додека најсериозните последици ги сносат граѓаните кои ја напуштаат државата секој ден, за да бегаат од недостаток на перспектива и корупција на институциите кои се фатени од сегашната власт.