Директорот на КИЦ-Истанбул, Рамадан Рамадани, е задоволен од интересот за настаните организирани во рамките на Културниот центар, и изрази благодарност за институционалната помош од земјата домаќин, Република Турција.
Културно-информативниот центар (КИЦ) на Северна Македонија во Истанбул, отворен кон крајот на 2019 година, ѝ овозможува на турската јавност да се запознае со културниот живот на Северна Македонија, додека како институција претставува клучна точка во меѓукултурните односи.
Директорот на КИЦ-Истанбул, Рамадан Рамадани, е задоволен од интересот прикажан за настаните организирани во рамките на програмата на Културниот центар. Во разговорот за Агенција Анадолија (AA), Рамадани потсети дека центарот е основан во 2015 година, а е оперативен од декември 2019 година. Тој изрази благодарност за институционалната помош дадена за отворањето на центарот од земјата домаќин, Република Турција, истакнувајќи дека без таа помош, отворањето на центарот би се одложило за некоја дополнителна година.
„Ние сме многу задоволни со помошта што ни ја пружи Република Турција, земјата домаќин, во основањето на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија, посебно со укажаната помош од страна на советникот на претседателот на Република Турција, г. Реџеп Таип Ердоган, т.е. посебниот советник, г. Сабри Демир, кој многу ни помогна во функционалното отворање кон крајот на 2019 година на нашиот КИЦ во Истанбул”, рече Рамадани.
Нагласи дека КИЦ-Истанбул веќе три години успешно ја имплементира целата програма која е поддржана од Министерството за култура на Северна Македонија, и претставува важна алка во културното поврзување и во презентирањето на културата на Република Северна Македонија во Истанбул, Турција.
„За сите наши настани, т.е. за сите наши изложби и концерти кои што ги реализиравме, има посебен интерес кај публиката за нашата земја и за културата на нашата земја, која преку своите уметници успешно е претставена во Република Турција, јавноста е посебно заинтересирана за нивното претставување и побудува голем интерес“, рече Рамадани.
Тој изјави дека дури и за време на пандемијата имало интерес од публиката „повеќе отколку што ние можевме да си дозволиме за присуство, заради условите и рестриктивните мерки кои важеа во Република Турција“.
За своето функционирање, Рамадани вели дека за КИЦ Истанбул посебно се важни две заедници:
„Првата е заедницата на турските граѓани, на граѓаните на Република Турција кои се со потекло од Македонија, и кои што се многу заинтересирани за сè околу Македонија, а посебно за културата“, вели Рамадани, додавајќи дека тие се организирани во својствени здруженија според градот на потеклото и во соработка со КИЦ-Истанбул се одржуваат многу настани кои се важни за двете земји и претставуваат алка на поврзување.
„Втората заедница којашто е исто така важна за поврзувањето помеѓу Република Турција и Република Северна Македонија се и Турците од Република Северна Македонија кои претставуваат колоритна заедница за која што има многу интерес внатре во Република Турција за нивно претставување, и во рамките на тоа, ние се стремиме оваа година да реализираме посебни проекти за да го покажеме културниот живот и карактеристиките на турската заедница во Република Македонија, да ги претставиме како рамноправен дел на целиот турски културен живот во светот“, вели Рамадани.
Тој појаснува дека презентирањето на Турците од Северна Македонија ќе се одвива врз база на проекција на документарни филмови поврзани со нив, а и претставување на изданијата кои што се издадени на турски јазик во Република Северна Македонија.