Сè уште се активни пожарите кај Буковиќ, Раовиќ во Општина Сарај, кај селото Горно Мелничани во Центар Жупа, во атарите на селата Ракле, Никодин и Топлица во Општина Прилеп, соопштија на редовната претпладневна прес-конференција од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
– Според денешните информации кои ги добивме од ситуациониот центар, пожарот кај Буковиќ, Раовиќ во Општина Сарај е сè уште активен каде гори мешана шума. Во текот на вчерашниот ден беше извршена комплетна претрага и догасување на постоечките жаришта, а како поддршка се приклучи и црногорскиот хеликоптер којшто со 12 налети испуштајќи голема количина на вода. Но, најверојатно се работи за спрецифично земјиште кое и покрај 17-те тона вода кои вчера беа фрлени врз овој пожар, не се успеа целосно да се изгаси, истакна на прес-конференција Надица В’чкова, портпарол на ЦУК.
Пожарот помеѓу селата Барово и Вешје во Општина Демир Капија, каде гори нискостеблеста мешана шума е повторно активен и во текот на вчерашниот ден беше ставен под контрола. Утрово од 5 часот на терен интервенираат пожарникари од Територијалната противпожарна единица од Неготино, ШС Демир Капија, како и група од месното население. Повеќе информации околу состојбата со овој пожар од ЦУК најавија на попладневната прес-конференција.
Состојбата со пожарот кај селото Горно Мелничани е сè уште непроменета, односно пожарот е сè уште активен. Во гаснењето на пожарот во атарот на селото Горно Мелничани во Општина Центар Жупа, како што јави дописничката на МИА од Дебар, од утрово вклучени се два хелкоптера, по барање на градоначалникот Аријан Ибраим, поради ширењето на пожарот кој досега има опожарено над 15 хектари високостеблеста букова шума. Пожарот, кој вчера беше ставен под контрола повторно се распламти на што влијаеше и ветерот, осебно во ноќните часови.
– Во неговото гаснење се вклучени и над 100 лица, од противпожарната единица во Дебар и Гостивар, припадници на полицијата, специјалната полициска едница за брзи интервенции, од подружницата на „Национални шуми, како вработени од општината, изјави за МИА, Џетан Мифтароски, командир на дебарската територијална противпожарна единица.
В’чкова информира дека повторно е активен и пожарот во атарите на селата Ракле, Никодин и Топлица во Општина Прилеп. Гори кракот од село Ракле спрема село Крстец, а рано утрово на терен се испратени едно противпожарно возило и четири пожарникари, како и пет вработени од ШС Црн бор од Прилеп. Пожарот е на тешко пристапен терен.
Според ЦУК, ставени се веќе под контрола пожарите помеѓу селото Црвена вода и Планинарскиот дом Китка во Општина Студеничани, и пожарот на планината Кожув кај местото викано Круша, Гевгелиско, а утрово на терен е излезена екипа на Територијалната противпожарна единица од Гевгелија и ШС Кожув.