Активни со Ковид-19 се 416 случаи во државава, од кои 158 се во Скопје. Според вчера објавените податоци на Институтот за јавно здравје, од направени 3.680 тестирања регистрирани се 19 нови случаи со Ковид-19, двајца починати и 14 оздравени пациенти.
Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155.612, бројот на оздравени пациенти е 149.722, а на починати е 5.474.
Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Од Министерството за здравство апелираат граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи, како што посочуваат, тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.
Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 454.104 граѓани. На вакциналните пунктови во државата заклучно со завчера вакцинирани се вкупно 274.710 граѓани. Прва доза вакцина завчера примиле 5.834 граѓани, а вкупно се вакцинирале 7.720 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 473.853 дози вакцини, а ревакцинирани се 199.143 граѓани. Со последните бројки 50 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 45 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 38 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, информираат од Министерството.