Вкупниот број ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 88389, бројката на оздравени пациенти е 69476, а на починати е 2682.
Од понеделник, како што најави Министерството за здравство, во скопските поликлиники „Јане Сандански“, „Бит Пазар“ и „Драчево“, пациентите ќе можат да направат лабораториски анализи со проверување на вредностите на Д-димерите и ЦРП, кои се важни во следењето на здравствената состојба на ковид пациентите.
Во трите поликлиники, кои се подготвени со биохемиска апаратура и реагенси за изработка на таа здравствена услуга, од следната недела ќе има посебен план. Лицата кои треба да ја направат потребната лабораториска анализа ќе доаѓаат во темини кои ќе бидат наменети само за нив за да не бидат во контакт со останатите пациенти.
– Со овој начин им олеснуваме како на матичните лекари, така и на пациентите да не мора да одат во ковид – центрите и болничките установи за да ги направат потребните анализи. Партиципацијата за ваквата здравствена услуга ќе се наплаќа по ценовникот за здравствени услуги на Фондот за здравствено осигурување, изјави директорот на Здравствениот дом Скопје, д-р Виктор Исјановски.
Во очекување на пристугнувањето на првите антиковид вакзини во земјава и стартот на вакцинацијата на населението, генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус вчера повика на спроведување кампањи за вакцинација за Ковид-19 во сите држави во светот во следните 100 дена.
– Сакам да видам спроведување вакцинација во секоја држава во следните 100 дена, така што здравствените работници и оние со висок ризик први ќе бидат заштитени, изјави Тедрос Аданом Гебрејесус на прес-конференција во Женева.
Во исто време, СЗО вчера испрати апел до државите да не ги условуваат меѓународните патувања со докази за вакцинација или имунитет.
– Во овој момент не поставувајте обврска за докази за вакцинација или имунитет за меѓународно патување, бидејќи сè уште има клучни непознати информации за ефикасноста на вакцините во намалувањето на трансмисијата, а вакцините не се целосно достапни, препорача СЗО.
Според Организацијата, доказите за вакцинација не треба да ги ослободуваат меѓународните патници од други ограничувачки мерки за намалување ризикот од зараза за време на патувањето.
Од друга страна, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен вчера ја поздрави иницијативата на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис кој предложи воспоставување на потврда за вакцинација на ниво на ЕУ заради обнова на прекуграничните патувања во рамки на ЕУ.
– Ја поздравувам оваа иницијатива. Овие сертификати мора да бидат заемно признаени и стандардизирани, изјави Фон дер Лејен.
Во однос на забелешките дека воведувањето на вакви сертификати може да ги дискриминира луѓето кои немале пристап до вакцината, Фон дер Лајен изјави дека ова може да се реши со комбинација на такви потврди и негативен тест за Ковид-19.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.