Здружението на Украинците „Лесја Украинка“ по повод Денот на Соборноста на Украина денеска во центарот на Скопје, и покрај студеното и снежно време, одржа свечен марш.

Десетици присутни се движеа од споменикот на Александар Македонски на плоштадот Македонија па се до споменикот на Тарас Шевченко во паркот „Жена Борец“.

Украинските активисти во земјава предупредија дека доколку Украина падне и признае пораз, тогаш следна цел на Русија ќе биде Европа.

Слична изјава даде и американскиот претседател Џо Бајден, кој во својот вчерашен говор во Белата куќа предупреди оти укинувањето на финансиската помош за Украина може да доведе до криза во балканските земји, објави денеска Цивил Медиа.

„Ако ние заминеме, а Русија го издржи нивниот напад и ја победи Украина, што мислите дека ќе се случи во балканските земји? Што мислите дека ќе се случи од Полска до Унгарија?, праша Бајден.

Денот на Соборноста, односно прогласување на Актот за обединување на Украинската Народна Република и Западноукраинската Народна Република во 1919 година, во Украина се одбележува секоја година на 22 јануари.

Цивил Медиа

 

Print Friendly, PDF & Email