„Опасност за државата“ е фразата што создава вистински кошмар за илјадници граѓани, бидејќи врз основа на тоа им се негира правото да добијат државјанство на Македонија. Активистката Мерсиха Смаиловиќ, рече дека АНБ треба да ја аргументира со факти оваа проценка, а не само да ја користи за да ги лиши граѓаните од ова основно право.
Поранешниот пратеник Рубин Земон вели дека ако нашата држава се смета за хумана, тогаш треба да има и таков пристап.
Новинарот Лирим Дулови рече дека ова е дискриминирачки пристап на државата.
„Што правиме ние со 2.000 луѓе? Дали се тоа малку? Бидејќи вчера слушнав некои пратеници кои рекоа дека во зависност од бројот на лица без државјанство, нашето внимание треба да биде со иста мерка. Не треба да бидете генијалци да сфатите дека ова е злоупотреба за шовинистички и расистички цели“, рече Лирим Дулови, новинар.
Башким Бакиу од Институтот „Арбен Џафери“, организатор на дебатата на оваа тема, нагласува дека државата треба повеќе да се посвети на изнаоѓање на решенија.
„Македонија пристапи во кампањата на Конвенцијата на Обединетите Нации за елиминација на бездржавјанството од 1961 година, кампања што е планирана во рамките на УНХЦР, со цел да се елиминира бездржавјанството до 2024 година“, рече Башким Бакиу, Институт Арбен Џафери.
Еден од илјадниците лица без државјанство беше и повеќекратниот шампион Енвер Идризи, чие име го носи спортска сала и наскоро и една улица, на кој никогаш не му беше дадено правото да има државјанство на Македонија.