Актерката Арна Шијак побара слобода за осудените за крвавите инциденти и упадот во Собранието на 27 април пред четири години. Таа кажа дека за неа е неприфатливо осудените да бидат во затвор, додека, како што потенцираше, терористите од 2001 година да бидат во законодавната, извршната и судската власт.
Шијак во името на демонстрантите и организаторите побара предвремени парламентарни избори заедно со локалните во октомври годинава.
-Поради велепредавството на името на државата, Македонија, и идентитетот на македонскиот народ со договорот Заев-Борисов од први август 2017 година и спогодбата Димитров-Коѕијас од 17 јуни 2017 година, поради суспензијата на референдумот од 1991 година, и референдумот од 2018 година, поради криминалот и корупцијата, поради политичката, здравствената и економската криза, поради сиромаштијата, мафијата, емиграцијата, поради непријателската трансформација на една суверена држава во криминална територија, бараме распуштање на Собранието и предвремени парламентарни избори заедно со локалните избори оваа година, рече Шијак.
Таа кажа дека Македонците од светот и во земјава се обединети на протестот.