Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека моралот не му дозволува да се согласи со зголемување на платите во правосудниот сектор, коментирајќи ги шесте предложени реформи во законите од областа на судството и обвинителството. Тој порача дека главната реформа во тие закони е токму зголемувањето на платите, што според него е неприфатливо поради состојбата со буџетот.
Мицкоски наведе дека следната година државата треба да врати над 2 милијарди евра долг, поради задолжувањата од минатото, и дека покрај тоа треба да обезбеди пари за плати, пензии и социјални трошоци.
„Ако некои мислат дека треба да им ги дуплираме платите на судиите и обвинителите – нека кажат. Еве, јас ќе ја донирам мојата плата. Ама да обвинуват и да судат според законите“, изјави премиерот, додавајќи дека нема да поддржи реформи чија суштина е само финансиско зголемување и додаде: „Знам дека ќе ме нападнат, но моралот не ми дозволува да се согласам со тоа“.
Премиерот во таа насока додаде и дека Македонија не може да троши повеќе средства на правосудството отколку најразвиените земји во Европа.
Мицкоски најави и дека Владата до крајот на годината ќе достави измени на Кривичниот законик во Собранието. Ги обвини претходните власти за измените на Кривичниот законик кои, како што рече, овозможиле политичка амнестија.
На новинарско прашање во врска со процесот за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, Мицкоски рече: „Што се однесува до Љупчо Коцевски, почекајте и ќе видите.“
Текстот Ако правосудството работи по закон, и мојата плата ќе им ја донирам, рече Мицкоски кој засега не поддржува зголемување на примањата на судиите и обвинителите е превземен од МАКФАКС.























