Граѓаните во нашата земја десет години сакаа промена на политичкиот амбиент и ако ДУИ пред десет години беше опозиција, ќе го имавме резултатот кој сега го имаме на локалните избори. Вака актуелниот министер за здравство од коалицијата Вреди гледа на изборните резултати, а на прашањето дали ќе остане министер одговара дека секој ден работи како да не му е грижа на која позиција ќе биде утре оти верува во својата експертиза.
„Резултатите се видливи, но за жал видливи се после десет години. Граѓаните во нашата држава и пред десет години сакаа да има промена во политичкиот амбиент во државата. За жал беа искористени сите можни политички притисоци и администрација од страна на ДУИ за да може да опстои десет години без желба на граѓаните. Тие првпат се соочија со локални избори од позиција на опозиција и ги немаа тие можности да се злоупотреби тој политички момент. Реалноста ова фактички што го гледаме денеска, сите општини во државата се менаџираат од стручњаци од Вреди, верувам дека би била не денеска, ако се вратиме десет години и ако ДУИ била во опозиција тогаш, истиот резултат ќе го имавме и тогаш. За жал тоа е тоа, после десет години имаме нов амбиент во државата“, рече министерот Алиу денес при посетата на Клиниката за кардиологија.
Како владин коалиционер, министерот Алиу уверува дека фокусот на Вреди е постигнување добри резултати оти брзо се доаѓа до процеси во кои граѓаните ако не ги почувствуваат промените ќе се почувствуваат разочарани.
„Тогаш разочараноста ќе биде многу поголема. Ние како политичари ќе имаме голема одговорност ако навистина после ваков добар резултат, после вакви избори, граѓаните не почувствуваат дека ние знаеме различно да менаџираме со политичките процеси и на локални ниво. На централно ниво тоа веќе го докажавме за година и пол. Верувам дека и на локално ниво за година и пол ќе се почувствуваат тие инфраструктурни подобрувања“, рече министерот Алиу.
Алиу стана министер за здравство пред половина година откога поранешниот министер за здравство Арбен Таравари ја напушти коалицијата Вреди по низа несогласувања околу настапот на локалните избори.
Текстот Ако ДУИ беше опозиција пред десет години, и тогаш ќе го имавме овој изборен резултат, тие немаа можност за злоупотреби, вели Алиу е превземен од МАКФАКС.
		






















