На плажата Сливница на Преспанско Езеро денеска почна акција за чистење на езерските плажи, со што Делегацијата на ЕУ во земјава и Општина Ресен се вклучија во глобалното чистење на плажите на морски и езерски води, што се врши секоја трета недела во септември.
Според Бен Нупнау, заменик шеф на Делегацијата на ЕУ во Скопје, најголемото загадување на плажите е загадување од пластика и затоа треба да се зголемува јавната свест, но и да се зголеми грижата на владата за оваа состојба.
-Делегација на ЕУ првпат организира еколошка акција од ваков тип на Преспанско Езеро, затоа што сме загрижени за ситуацијата на преспанскиот брег и плажи. Природата е прекрасна, но видливо е и загадувањето на плажите. Нашата цел е да се чистат езерските води и тоа секогаш се прави во третата недела од месец септември. За жал, најголемото загадување на водите, е загадување од пластика и тоа мора да се спречи. Владите треба да преземат обврска за заштита на водите на езерата и да се развива свесност кај луѓето, истакна Нупнау.
Акцијата за чистење на плажите на Преспанско Езеро е мотивирана од млади европски амбасадори „We Balkans“ кои во Преспа доаѓаат и претставуваат повеќе држави од Западен Балкан.
-Преспанското Езеро е еден од најголемите национални симболи на Македонија и јавно се заблагодарувам на Делегацијата на ЕУ што поддржа ваков проект кој е еден од бројните проекти поврзани со заштита на животната средина во Преспа. Се надевам дека денешната акција за зачувување на животната средина освен кај локалното население, позитивно ќе се рефлектира и кај посетителите, туристите. Автентичноста на Преспа и природата во Преспа заеднички треба да ја чуваме, порача градоначалникот на Општина Ресен, Јован Тозиевски.
Акцијата за чистење на плажите на Преспанско Езеро се одржа во рамки на кампањата „EUBeachCleanUp“ организирана од Европската Комисија со EEAS и Обединетите нации.