Шпанската полиција уапси три лица и заплени 11 литри ајахуаска, 117 кактуси Сан Педро и неколку шишиња со отров од крастава жаба. Акциите беа извршени на две рурални имоти кои служеле за организирање профитабилни духовни ретрити, каде на учесниците им биле ветувани астрални патувања, јавува „Гардијан“.

Полицијата на Цивилната гарда почнала истрага пред пет месеци во општината Педрегер, провинција Аликанте, по пријава од поранешен клиент. Откриено е дека центарот, кој онлајн се рекламирал како наградуван и меѓународно признат духовен центар, организирал одмори со традиционална медицина, кои биле особено популарни кај посетителите од Европа.

„Пакетите од три и пет дена чинеле во просек по 1.000 евра и вклучувале сместување, поддршка и супстанци кои се конзумираат“, соопшти полицијата. Ретритите собирале групи од по 20 луѓе, кои ги следеле шест лица вработени како водичи за „астралните патувања“.

Таквите собири се одржувале неколку пати неделно, па истражителите проценуваат дека групата во последната година заработила стотици илјади евра. Поголемиот дел од уплатите биле во кеш, непријавени, а парите се префрлале на многу банкарски сметки во различни земји со цел да се сокрие потеклото.

Опасни услови и забранети супстанции

Во моментот на рацијата во центарот биле присутни 16 лица. Цивилната гарда извести дека центарот немал потребна опрема за справување со можни случаи на труење, а подготовките биле правени во „импровизиран, примитивен лабораториски простор без основни хигиенски мерки“.

Портпаролот на Цивилната гарда изјави дека ајахуаска, кактус Сан Педро и отровот од жабата се забранети супстанци во Шпанија, додавајќи дека нивната консумација не е одобрена бидејќи иако се со природно потекло, може да бидат исклучително опасни за човечкото здравје. Полицијата објави фотографии од голема просторија исполнета со душеци, канти и марамчиња каде се одвивале „астралните патувања“.

Уапсени се двајца мажи и една жена, за кои се сомнева дека се лидери на групата, додека уште пет лица што работеле како „духовни водичи“ се под истрага. Сите се сомничат за кривични дела трговија со дрога, перење пари и припадност на криминална организација. Полицијата исто така заплени 945 таблети Риталин и разни билни производи, кои се испратени на лабораториска анализа.

Иако Цивилната гарда не извести дека некој физички бил повреден, предупредија: „Ајахуаска, кактус Сан Педро и отровот од жаба се природни производи кои може да бидат многу штетни за луѓето, а нивните ефекти се тешко предвидливи бидејќи зависат од различни фактори, како метаболизмот на поединецот и применетата количина. Ризикот се зголемува кога отровните супстанци ги користат лица без медицинска обука и кога се произведуваат на домашен начин.“

Што е ајахуаска?

Ајахуаска е силен психоделичен напиток кој се користи со векови во духовни и ритуални практики на домородните племиња од Амазонија, особено во Перу, Бразил, Колумбија и Еквадор.

Тој делува на психата и телото, предизвикувајќи интензивни визии, емотивни и интроспективни искуства, но и физички реакции како повраќање и дијареја. Може да предизвика тешки психички реакции, да ги влоши менталните болести, да биде опасно во комбинација со одредени лекови и во непрофесионални услови. Во многу земји е забранета или строго регулирана поради присуството на ДМТ.

Текстот Акции во духовни центри во Шпанија: Пронајдена ајахуаска, отров од жаби е превземен од МАКФАКС.