Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека продолжува со реализација на циклусот обуки за обновување и за стекнување на нови знаења од областа на безбедноста на храната во градинките, со цел заштита и унапредување на здравјето на децата во предучилишните установи. Почнувајќи од денес, во пелагонискиот регион, со обуки ќе бидат опфатени и општините Ресен, Битола, Новаци, Демир Хисар, Кривогаштани, Прилеп и Крушево. Општините Долнени и Могила немаат градинки.
Како што информираат од АХВ, целта на едукациите е да се превенираат инциденти поврзани со небезбедна храна во предучилишните установи, преку едукација на персоналот за опасностите во храната и правилната примена на HACCP принципите согласно Законот за безбедност на храна.
-Храната која се послужува во градинките и е наменета за исхрана на најмалите – децата, како најранлива и најчувствителна категорија на граѓани мора да обезбеди високо ниво на заштита на здравјето на децата од физички, микробиолошки и хемиски опасности кои можат да се пренесат преку небезбедна храна. Таа треба да е подготвена според критериумите за безбедност и квалитет на храната, да ги следи нормите кои се однесуваат на принципите на добра хигиенска и добра производна пракса и тоа во целиот процес, истакна директорот на АХВ Николче Бабовски, кој денеска учествуваше на обуката за претставници од градинките која се одржа во „Кино Манаки“ во Битола, како дел од едукативните активности кои ќе ги реализира АХВ во Пелагонискиот регион.
Бабовски објасни дека исклучително важно е принципите на безбедност да се почитуваат во сите алки во синџирот на храната, почнувајќи од подготовката на тендерската спецификација за набавка на суровини и храна, располагањето со соодветен прибор, материјали кои доаѓаат во контакт со храната и опрема за нејзина подготовка и чување, набавка на средства за чистење и дезинфекција, прием, складирање, подготовка, транспорт и послужување на храната.
-Обуките за обновување и стекнување на нови знаења за безбедноста на храната во градинките почнаа во 2022 година при што спроведени беа едукации во 19 градинки во Скопскиот регион со кои беа опфатени 351 вработени лица кои директно и индиректно се вклучени во синџирот на подготовка на храна. Од планираното за годинава, почнати се едукации ширум државата, со што до крајот на летото ќе бидат опфатени 7 региони, посочи Бабовски.
Минатиот месец, АХВ одржа обуки во источниот и југоисточниот регион поточно во Штип, Кочани и Струмица, а овој месец едукации се одржаа во градинките во Куманово .