Против корупцијата треба да се бориме заеднички, а вината да не им се префрла само на политичарите, порача претседателот на ДУИ, Али Ахмети. Тој вели дека корупција има и во понапредните земји, но како што додава, таму против неа се борат сите учесници во општеството.
-Борбата против криминалот, корупцијата и сличните појави постојано мора да се води, постојано да се работи и тука мора да бидеме сите заедно, граѓанското општество, медиумите, бидејќи и во напредните земји имате корупција, но организацијата и мобилизацијата се многу повисоки отколку во нашата земја. Во постојана комуникација се медиумите, граѓанското општество и против сѐ што е лошо, сѐ што е неубаво мора да се бориме заеднички. Одговорноста не треба да им се префрла само на политичките власти-рече Ахмети.
На ваквата изјава на Ахмети, веднаш со реакција се јави и Алијанса за Албанците. Од таму велат дека корумпираните не можат да се борат против корупцијата, бидејќи токму тие ја „всадиле“ во секој дел од системот.
-Против корупцијата не се бори со актуелните градоначалници на општините предводени од страна на ДУИ, на кои најголемото „достигнување“ им е корупцијата. Единствениот начин на борба против корупцијата е губењето на ДУИ на изборите. Корупцијата ќе го добие фаталниот погодок од граѓаните на локалните избори и потоа на парламентарните. Изјавата на Али Ахмети дека овој проблем не треба да се остави само на политиката, е само уште еден обид за да се фрли вината над медиумите, граѓанскиот сектор и самите граѓани-соопштија од АА.
Со наближувањето на локалните избори, политичките партии веќе почнаа предвремена изборна кампања, а не изостануваат ниту обвинувањата и против-обвинувања. Изборната кампања официјално стартува на 27-ми месецов, 20 дена пред денот на гласање – 17 октомври.