Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети денеска во Тетово го прими амбасадорот на Италија во нашата земја Андреа Силвестри.

Ахмети и амбасадорот Силвестри разговараа за Охридскиот договор, изборите, реформите и владеењето на правото, како и за евроинтеграциите.

Ахмети нагласи дека ДУИ и Европскиот фронт победија на претседателските и парламентарните избори, но оваа волја на граѓаните неправедно била игнорирана од мандатарот.

„Охридскиот договор е гарант за мирот, безбедноста, стабилноста и меѓуетничките односи во земјата.

Нарушувањето на изборниот легитимитет, тенденциозниот упад врз албанскиот јазик, етничката припадност и правичната и соодветна застапеност директно влијае на меѓуетничките односи и на стабилноста на државата.

Охридскиот договор го гарантираа ЕУ и САД, а дел од имплементацијата беа и НАТО и ОБСЕ“, е нагласено во соопштението.

Според информацијата од канцеларијата на Ахмети и отстапувањето од европската перспектива ги вознемирува граѓаните и ја влошува политичката состојба во државата.

„Политичкиот дијалог преку почитување на изборниот легитимитет на легитимните претставници на етничките заедници треба да се воспостават со заедничките парламентарни и локални избори во октомври 2025 година“, е наведено во дописот.