Лидерот на ДУИ, Али Ахмети во обраќањето на панелот во рамките на Преспа форумот 2023 предочи дека успехот на Преспанскиот договор се должи на комуникацијата, соработката и поддршката од меѓународната заедница, односно од Брисел и Вашингтон, како „центри градители на мирот“.

– Ние поставивме цели, а првата наша цел беше мирот, стабилноста и безбедноста за нашата држава. Исто така наша цел беше нула проблеми со соседните држави, а потоа да се приклучиме на државите со напредна демократија, а не на автократските држави. Се определивме за држава и владеење на правото и овој наш успех слободно ќе речам треба да се сподели заедно со меѓународната заедница, нагласи Ахмети.

Извршната директорка за Европа и Централна Азија на Европска служба за надворешно акција, холандската амбасадорка Анџелина Ајхорст, потсетувајќи на деновите кога беше потпишан Преспанскиот Договор рече дека тоа е резултат на политичка волја за која имаше и политичка цена.

– Потребно беше стратешко водство од двете страни, потребна храброст, затоа што зад секој успешен договор постои политичка волја на лидерите и подготвеност да се плати цената за тоа. Ние во тоа време ги видовме сите негативни вибрации што се ширеа во почетокот на преговорите, но мора јавно да кажам дека Русија не поддржуваше никаква активност за напредок по ова прашање за оваа земја. Но, и покрај нивните обиди за саботирање, тоа не им успеа, не им успеа затоа што покажавме обединетост, рече Ајхорст.

Според неа, и денес е важно да бидеме обединети и да застанеме заедно зад иста цел и во таа смисла тајмингот е од пресудна важност.

– Важно е лидерите да дојдат до политичка одлука, а за нас во ЕУ проширувањето не е веќе мит, не е дали, туку, како и колку брзо и колку ефикасно можеме да го направиме тоа, бидејќи премногу долго време чекаме за ова, истакна Ајхорст.