По Охридскиот договор, најважната и најприоритетна агенда е зелената агенда, рече лидерот на ДУИ, Али Ахмети на митингот во Желино каде беа претставени кандидатот за градоначалник Фатмир Изаири и советничката листа предводена од Шевал Сулејмани.
– Со оваа советничка листа на чело со Шевал, има момчиња и девојчиња кои ќе му бидат од голема помош на Фатмир во донесувањето важни одлуки и проекти за општината. По Охридскиот договор, најважната и најприоритетна агенда е зелената агенда бидејќи ова е живот, затоа што ја обезбедува
иднината, обезбедува просперитет, рече Ахмети.
Изрази максимална поддршка за кандидатурата на Изаири, посочувајќи дека тој е еден од оние градоначалници кои реализирале најмногу проекти во Желино.
Според организацискиот секретар на ДУИ Артан Груби, секој даден глас за Изаири, е глас за достоинство на општината.
– Вашиот глас не е само за избор на Фатмир Изаири на чело на Желино, туку и за достоинството на општината, тоа е и за имиџот на општината, како општината се перцепира од сите други општини, од Владата и од меѓународна заедница, рече Груби.