Лидерот на ДУИ, коалициски партнер на СДСМ, Али Ахмети, порача дека комуницираат со партиите со евроатлантска определба и стратешките партнери, како и дека нема да постапуваат ниту со емоција, ниту со еуфорија.
Ахмети преку својот Фејсбук профил на англиски јазик напиша дека е во постојана комуникација со сите политички партии, освен со оние кои се против Охридскиот договор и евроатлантската иднина на земјата, со цел менаџирање на состојбата создадена по оставката на премиерот и лидер на коалицискиот партнер СДСМ Зоран Заев.
-Состојбата што се создаде со оставката на премиерот ја менаџираме преку интензивен контакт со сите страни, со исклучок на тие кои ги негираат Охридскиот, Преспанскиот и Договорот за доброседство, НАТО, ЕУ, Република Косово и албанскиот јазик. Исто така, за актуелните случувања во контакт и кординација сум со нашите стратешки партнери, САД, НАТО и ЕУ. Нема да постапуваме ниту со емоција, ниту со еуфорија, наведе Ахмети.
Има, вели, многу телефонски повици, пораки и поддршка од сите страни, а во неможност да одговори на сите, порача, „заедно ќе успееме“.