Фото Архива

Артан Груби и Али Ахмети пред Божиќ биле и на неформална средба со Зоран Заев. Поканата за Али Ахмети да оди во Струмица била оддамна, но поради политичките шпекулации дека Заев кумува на евентуална широка влада без присуство на ДУИ, бил доволен повод лидерот на ДУИ за прв пат во својот живот да ја посети Струмица. Ова го откри Артан Груби во подкастот за ИРЛ.

„Сега брзо, на петти јануари, ден после роденденот на господинот Ахмети. Значи на 5ти јануари. Се видовме со господинот Заев како што ви кажав, разговаравме околу четири часа. Он ни беше домаќин, за прв пат господинот Ахмети отиде во Струмица да се види со господинот Заев на негова покана и разговаравме околу актуелностите. Така што и околу господинот Заев и од сите учесници на тој состанок од 21 декември, вклучително и премиерот Димитар Ковачевски сме уверени и апсолутно веруваме дека такви некои сценарија не се ниту разгледувани, не се ниту прифатливи. Ниту за господинот Заев, ниту за претседателот и премиерот на СДСМ, Ковачевски“, рече Артан Груби во поткастот „Разговор во редакција“.

Повод за состанок помеѓу Заев и Ахмети, бил состанокот кој на 21 – ви декември се одржал помеѓу поранешниот и сегашниот премиер и шпекулациите дека се кова широка влада помеѓу ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ и исклучување на ДУИ од власта. Груби е убеден дека по средбата со Зоран Заев, ДУИ не го дефакторизирала актуелниот премиер Димитар Ковачевски.

„Не, апсолутно. Јас мислам, односно не мислам, знам дека господинот Ковачевски има целосна и апсолутна поддршка од господинот Заев и од сите структури, вклучително тука и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и другите предводници на СДСМ“, вели Груби.

Преземено од ИРЛ.