Првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, отиде во Старата скопска чаршија да му оддаде почит на Скендербег на годишнината од неговата смрт, но без градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу и поранешниот прв човек на оваа општина, потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити. На прашањето каква порака испраќа отсуството на овие високи функционери од неговата партија, а во чие време беше изграден плоштадот Скендербег, Ахмети рече дека плоштадот го изградила ДУИ.

„Скендербег овде го подигна Демократската унија за интеграција со одлука е на Град Скопје. Ова е капитално, монументално дело, ова е идеолошка, стратешка политичка определба на ДУИ“,, рече Ахмети.

-Но, токму во општина Чаир прв градоначалник на општина Чаир е г-от Изет Меџити?

„Добро, многу добро, многу добро. Никому не му е забрането да дојде да ја прослави 555-годишнината на Ѓерѓ Кастриоти Скендербег“.

Ахмети рече дека неговите колеги од „Огнената група“ имаат погрешен пристап.

„Никој досега не е исклучен од ДУИ, тоа се мои пријатели, тие се мои соработници, имаат многу погрешен пристап. Според нивните анализи, јас сум бил ‘Ким Јин Кун Гу’ или како се вика оној од Северна Кореја, дека сум бил Пиноче.. ДУИ е мислам дека по сите околности е една од најдемократските партии, најотворена на овие простори“, рече Ахмети.

„Огнената група“ и другата страна во ДУИ продолжуваат со посебните активности на терен со сопартијците. Ахмети со денови има средби во Гостиварско, а „Огнената група“ утре се среќава со младите од Скопје.