Тројца британски државјани, кои се учесници во воената вежба која периодов се одвива на армискиот полигон Криволак, Неготино, синоќа ги вознемирија граѓаните во центарот на градот со агресивно однесување, пренесува Фокус.
Настанот се случи во кафуле на градскиот плоштад, локал кој е омилено збиралиште на тинејџерите од градот, а немилите сцени се одвиваа пред голем број на очевидци.
Како што информираат од СВР Велес за ,,Фокус”, вчера во 22.50 часот британските државјани Џ.Л. (29), Б.С. (24) и Б.Ф. (29), се однесувале агресивно и оштетиле инвентар во угостителски објект во Неготино.
Покрај тоа, Џ.Л. нападнал полициски службеник кој извршувал службени дејствија.
Тие биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци – соопштија од СВР Велес.
Граѓани кои беа сведоци на настанот, раскажуваат дека сликите со агресивното однесување на сега веќе приведените лица, кои гласно викаа на плоштадот и дивееа, биле вознемирувачки.