Агенцијата за храна и ветеринарство денеска потврди дека во комерцијална фарма за свињи во карбинското село Таринци е потврден последниот позитивен случај на  болеста африканска чума кај свињите и тоа кај едно животно, но мора да се уништат вкупно 9.000 животни во оваа фарма. Во соопштението се вели дека Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) согласно донесеното решение за контролни и заштитни мерки во однос на болеста африканска чума кај свињите од 25.08.2023 година, презема  мерки за спречување на ширење на болеста и нејзино ставање под контрола. Иако станува збор за изолиран случај на заболено животно, од фармата во село Таринци ќе треба да се убијат и нештетно да се уништат околу 9 илјади животни во потврденото жариште и во контактните одгледувалишта за кои во тек е епидемиолошката анализа.

– Истите, согласно највисоките светски стандарди треба нештетно да се отстранат, односно да се закопаат во јами, без никакви последици по здравјето на другите животни, луѓето ниту човековата околина.АХВ уште од првиот ден е во интензивни контакти со локалната самоуправа која има законска обврска да обезбеди локација за јама, најблиску можна до жариштето, во која  ќе бидат закопани еутаназираните животни. Како одговорна институција за здравствената заштита на животните,  апелираме брзо да се реагира од страна на локалната самоуправа бидејќи станува збор за болест која брзо се шири и која нанесува големи финансиски загуби. Неминовно е одговорно однесување и од страна на сточарите и од локалните самоуправи, се вели во соопштението на АХВ.

Во него се посочува и дека  во услови на епидемија или добиточна болест, согласно член 222 од Кривичниот законик, непостапувањето по одлука на надлежен орган со која се определуваат мерки за отстранување или спречување на болест е кривично дело за која е предвидена парична казна или затвор до три години. Законот предвидува и повисоки казни за ова дело доколку поради делото настапи значителна штета. Според податоците за година и половина по појавувањето на првиот случај на болеста во делчевското село Драмче, до последниот позитивен случај во село Таринци,  убиени и нештетно отстранети се околу 3,5 илјади свињи.