Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши и на Демократски сојуз, Павле Трајанов не присуствуваа на координативната средба што се одржа в петокот во Собрание меѓу претседателот на законодавниот дом, Талат Џафери и лидерите на парламентарното мнозинство, извести Џафери на средба со новинари.
Причина за средбата беше немањето кворум. Запрашан дали има незадоволство во владејачката коалиција поради тоа што пратеникот на Алтернатива, Хисни Исмаили никако да се изгласа за потпретседател на Собранието, Џафери одговори дека никој не го информирал оти има незадоволство во коалицијата. Додава дека проблемите треба да се решаваат политички, а не со отсуство и негласање на закони.
„Кој мисли дека има проблем со договорот што го направил при формирање на мнозинството, за тоа не се договорија со мене како претседател на Собранието. Ако има проблеми во односите во извршната власт во врска со политичките договори што ги направиле, нека ги решат таму. Тука мене не ме интересираат политички договори и спроведување на договори. Сите се тука да носат закони. Има две решенија – или да бидеш присутен или да побараш распуштање на Парламентот за да се направи друга конфигурација“, истакна Талат Џафери,пренесува ТВ 21.
Но, од Алтернатива уверуваат дека не станува збор за никакво незадоволство и дека вестите што кружат во медиумите се само шпекулации.
„Во коалицијата нема никаква тензија. Тоа е само прашање на процедура. Назначувањето на др.Хисни Исмаили веќе подолго време е на дневен ред и се очекува точката на дневен ред да дојде сама по себе. Сѐ друго е медиумска шпекулација и нема врска со нас. Инаку, парламентарното мнозинство е стабилно и функционира без никакви проблеми“, вели Орхан Муртезани.
Џафери се осврна и на отсуството на опозицијата во собраниската сала:
„Само што почнува седницата, салата празна, бараат пауза. Велат – еве барам пауза, пишува во Деловникот. Знам дека пишува во Деловникот, но и во Деловникот пишува дека мора да бидете внатре во салата, а не сте тука“, вели Џафери.
Џафери додаде дека законодавниот дом не се подготвува за предвремени избори, а за уставните измени и референдумот што го најави ВМРО-ДПМНЕ смета дека е рано да се изјасни. Пред Собранието да замине на одмор, Џафери објасни дека во овој мандат се одржани 83 пленарни седници, од кои 54 се завршени, а 29 седници не се завршени. На 83 седници, на дневен ред биле 973 точки, а за 80 од нив не се расправало поради тоа што претседателите на комисиите не ги свикале седниците.