Претседателот на Собранието Талат Џафери, на маргините на Осмата пленарна сесија на Парламентарното собрание на Процесор за соработка во Југоисточна Европа, што се одржа вчера во Анталија, оствари билатерална средба со претседателот на Големото национално собрание на Турција, Мустафа Шентоп.
– Претседателот Џафери му честиташе на претседателот Шентоп за успешното претседавање на Турција со ПСЈИЕ која претставува прва автохтона регионална форма за соработка и автентичен глас на регионот кој промовира вредности за зачувување на мирот и стабилноста, преку градење на добрососедски односи и унапредување на регионалната соработка, се вели во соопштението од Кабинетот на Џафери.
Џафери истакна дека одржувањето на интензивна комуникација на високо ниво меѓу државите, силно придонесува за унапредување на севкупните билатерални односи.
– Северна Македонија и Турција споделуваат заеднички вредности за мирот и стабилноста, преку добрососедски односи и регионална соработка, нагласил тој.
Претседателот на Собранието изрази благодарност што Турција е силен поддржувач на Република Северна Македонија и позитивно ги вреднува реформските процеси и унапредувањето на добрососедските односи. Тој посочи дека земјава е цврсто посветена заедно со Турција да ги промовира и споделува заедничките вредности и одговорности на НАТО, како 30-та земја-членка на Алијансата.
Џафери укажал дека интензивните и добри односи отвораат простор за уште поинтензивна економска соработка меѓу двете земји, имајќи предвид дека Турција е меѓу најзначајните трговски партнери на нашата држава и еден од најголемите инвеститори.
– Во однос на формирањето на Постојаниот секретаријат на ПС на ПСЈИЕ, претседателот Џафери истакна дека треба да се продолжи со напорите за решавање на ова прашање на конструктивен и плоден начин веднаш по завршувањето на парламентарните избори во Бугарија и да се изнајде компромис за конечно решавање на ова прашање, информираат од кабинетот на Џафери.
Шентоп изрази задоволство од учеството на спикерот Џафери на Осмата пленарна сесија на ПС на ПСЈИЕ и потсетил на важноста на ПСЈИЕ како главен политички форум во регионалната соработка и фактор за безбедност, стабилност и просперитет во ЈИЕ.
– Тој истакна дека покрај цврстото пријателство и плодната соработка, Република Северна Македонија и Република Турција ги поврзуваат историски и културни врски. Посочи дека Република Северна Македонија е пример во регионот како може да се гради општество каде егзистираат различни етнички групи, култури и јазици, се вели во соопштението од кабинетот на претседателот на Собранието.
Шентоп укажа дека здравствената состојба на населението со Ковид-19 со која се соочил целиот свет покажува колку е потребна заедничка соработка меѓу државите со цел надминување на предизвиците. Со хуманитарна дипломатија Турција направила напори да ги ублажи последиците од пандемијата и дека таа соработка ќе продолжи и во иднина.
На крајот соговорниците се согласија дека билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Република Турција се одвиваат во духот на силно традиционално пријателство, меѓусебно разбирање, партнерство и активна соработка во бројни полиња од заемен интерес.
– Добрите и пријателски односи меѓу двете земји се пресликани и во плодната парламентарната соработка која ќе продолжи и во иднина. Двајцата претседатели упатија срдечни поздрави до сите пратеници на двата парламенти со надеж дека соработката во иднина ќе биде уште поконстриктиван и поплодна, се вели во соопштението од кабинетот на Џафери.