Претседателот на Собранието Талат Џафери смета дека не го прекршил Уставот со обраќањето на албански јазик на состанокот на АФЕТ што се одржа на 28 јуни годинава во Брисел.
-Останувам на ставот дека не сум го прекршил Уставот и останувам на ставот дека некому не му дозволив фешта на Комисијата за надворешна политика АФЕТ во Европскиот парламент. Апропо сите случувања не дозволив фешта и проценив дека е посоодветно да се обратам на јазикот кој најдобро го знам, а тоа е мојот мајчин јазик. Соодветно си го знам и службениот, односнo книжевниот македонски јазик, рече Џафери во интервју за емисијата 24 анализа.
Нагласи дека е вродено и природно право што го користел мајчиниот јазик и праша што ќе било ако користел некој друг јазик како англискиот или францускиот.
-Тоа не може никој да ми го попречи. Јас го почитувам целосно законот. Не дозволив таму да се случи нечија фешта затоа што суштината беше да бидеме пред Европски парламент, а не на нечија фешта. Затоа решив да зборувам на албански, а не на македонски јазик и убеден сум дека беше ОК што се обратив со природното право. Состојбата после е дополнителен аргумент за сето тоа, потенцира претседателот на Собранието и додаде дека постфестум имал реакции на АФЕТ каде имало и претставнци од сите земи-членки на ЕУ.
Истакна дека е подготвен да одговара пред сите институции во случај на кривична пријава поради прекршување на Уставот и посочи дека ќе го употребува мајчиниот јазик кога и каде да е потребно и тоа, според него, не подлежи под никаква санкција.
-Сум покажал досега дека соодветно одговарам на сите институции во оваа држава, рече Џафери.
Во врска со резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за црвените линии во преговорите со Бугарија, порача дека сè уште не ја примил официјално, како ни интерпелацијата за неговото работење која, како што кажа, сè уште е на превод. Ако резолуцијата ги исполнува условите, рече, ќе се најде на дневен ред во Собранието.
-Официјално не сум го примил документот и не знам што пишува. Основ за мене е тоа што ќе го примам во соодветна процедура како официјален документ, а не во медиуми. За мене официјално е кога ќе го добијам на маса, и според Деловникот ќе дадам став, истакна Џафери.
За локалните избори вели дека ќе ги распише кога ќе им дојде време, односно максимум 90 дена пред истекот на мандатот на акутелните градоначалници, а минимум 70 дена пред денот за гласање.
-На 30 јули верувам дека ќе ги имаме сите податоци и елементи по однос на роковите и роковниците и во координација со Државната изборна комисија ќе ги дефинираме роковите од кои не смее да се излезе, рече Џафери.