Имаме една заедничка држава и сите сме одговорни да ја чуваме и развиваме, за нас и за идните поколенија. Тоа е наш долг кон сите оние кои се бореа за таква граѓанска држава, општество на сите граѓани во кое ќе растат нашите деца, внуци и идни генерации кои заслужуваат да живеат, растат, се образуваат и творат во европска Република Северна Македонија, современа и просперитетна држава на европски граѓани, истакна претседателот на Собранието Талат Џафери во денешното обраќање во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце по повод националниот празник Илинден.

Честитајќи го празникот кога ги одбележуваме двата илиндена и годишнини, 119 годишнина (1903) од Крушевската Република и 78 – годишнина (1944) од Заседанието на АСНОМ, којшто годинава се одвива под мотото „Илинден – нашата сила за иднината“, Џафери истакна дека Илинден навистина е единствениот концепт кој што ја опишува вредноста и основата од која сите поаѓаме и во која наоѓаме сила за продолжување понатака во градењето на иднината на нашата заедничка држава, за нас, за нашите идни поколенија, идни граѓани на европското и светското семејство на народи, славејќи ги и празнувајќи ги вредностите кои не обединуваат и поврзуваат, вредности кои не прават горди и сплотени граѓани на нашата заедничка држава.

-Постулатите со кои се јасно дефинирани општите и посебни човекови права и слободи, со кои јасно се дефинира мултиетничкиот, мултикултурниот и мултиконфесионалниот карактер на нашата држава се најцврстата основа врз која ќе продолжиме да чекориме како и досега. Настаните во минатото не уверија дека само сплотувањето кон заеднички дом за сите, со јасна визија, мудрост и разум е единствената, природна и остварлива крајна цел, истакна Џафери.

.Нагласи и дека откажувањето од се и држењето до празна флоскула која не нуди никакво алтернативно и можно решение туку само на блок ги одбива можностите, никогаш не било и нема да биде опција за тие што вистински ја сакаат Република Северна Македонија.

– Тврдењето дека само така се сака државата, губејќи се при тоа себеси, државата и се разбира идентитетот, секако дека не е прифатлива опција. Затоа што, идентитетот не е нешто што се дава и одзема, идентитетот е тоа што сме и што го носиме во нас. Тоа што сме го слушале и учеле од нашите предци, тоа што ќе им го кажуваме и предадеме на нашите идни поколенија, порача претседателот на Собранието.

Според него, сега започнува вистинската битка за реформирање на институциите, за консолидирање на редовите, за спроведување во пракса на усогласените закони со европското законодавство и за тоа ни треба единство, искрен и несебичен придонес на секој еден поединец во државата.